Ја ќарив во диско, на сентиш: Љубовната приказна на Дарио

Сопруг за медал! 31 година ме чува, трпи, мази и пази. И не ми треба ништо друго, само нека продолжи на истиот начин. Вака Бојана Панковска, сопругата на кантавторот Дарио Панковски се присети на нивната годишнина од брак. 

Познатиот пејач лани за „Женски магазин“ ни ја раскажа љубовна приказна која датира од времето кога девојките се „ќарувале“ во диско.

„Во тоа време јас бев ѕвезда во подем, шатиран фраер, ништо не можеше да ме запре. Ме познаваа сите девојки во градот, но јас ја сакав Бојана, затоа што таа немаше поим дека сум музичар и не ме есапеше. Ми беше многу тешко да ја освојам“, раскажа Дарио за Бојана која во осумдесетите дошла од Врање, да студира во Скопје. Бојана е инаку родена во српскиот град Ниш.

„Клучниот момент се случи во една прилика, кога заедно преминувавме улица. Ја фатив за рака и ѝ реков: Нема веќе пуштање“, ни откри Дарио. 

„Можам слободно да кажам дека стројник ни е легендарниот водител и диџеј Драган Б. Костиќ. Тогаш се искачаше кај него, во диско „Турист“,  а Драган, кој е мој блисок пријател ме запозна со Бојана. Како диџеј, пушташе сентиши кои девојките ги сакаа, а Бојана најмногу ја сакаше „Прекрасен живот“ (Wonderful Life) од Блек. Костиќ ја пушти една вечер, специјално со неа. И ете, Бојана си доби прекрасен живот со мене, а јас со неа многу повеќе од тоа“, ни раскажа Дарио. 

Плод на неговата љубов со Бојана се синот Бруно и ќерката Андреа, кои им помагаат во семејниот бизнис, кафе барот „Миг 21“. Локалот го носи името на бендот со кој Дарио ја запозна музичката кариера. 

М.Џаровска