Интервју со спец. д-р Тина Темелковска: Стигмата како непотребна бариера за заштита на менталното здравје

Д-р Тина Темелковска е специјалист психијатар. За својата работа вели дека суштината на психијатријата е самите да го пронајдете решението за својот ментален и емоционален мир, а улогата на психијатарот е само да ви помогне и да ве насочи како да стигнете до таму. Д-р Темелковска по специјализацијата по психијатрија, дел од  своето образование во областа на клиничката психијатрија и психотерапија го продолжува во Љубљана, Словенија и Белград, Србија. За специфичните тераписки пристапи и методи, обуката ја стекнува во престижни европски и светски центри, како во Neuroelectrics, Барселона и Neuromodulationlab, Сингапур за tDCS, транскранијална директна струјна стимулација, за когнитивно бихејвиорална  терапија и ЕМДР методот во Загреб, Хрватска. Денес, како сопственик и специјалист психијатар во психијатриската ординација MindLab, применува современи психијатриски и психотераписки методи во третманот на своите пациенти. Некои од нив се изведуваат само MindLab како единствената ординација сертифицирана за тој вид пракса.

Женски магазин: Во Македонија постои огромна употреба на анксиолитици. Според официјални податоци во 2016 година 216.000 луѓе подигнале дијазепам на рецепт. Дали тоа значи дека во земјава имаме пораст на лица кои развиваат психички проблеми?


 Д-р Темелковска: Ние како луѓе се менуваме секојдневно. Како што растеме и се развиваме, созреваме интелектуално и емотивно, така се менува и нашиот ментален и емоционален склоп. Се менуваме и под влијание на средината, на предизвиците со кои се соочуваме секој ден и тоа е сосема природен процес. Се менува и нашиот мозок, постојано и со секое ново искуство, мисла и емоција. И токму затоа зголемената употреба на анксиолитици не мора да значи дека во земјава има пораст на лица кои развиваат психички проблеми. Не секоја состојба, емотивна нестабилност или дисбаланс,  е психички проблем или растројство.

Тука проблемот е во самоиницијативното и најчесто непотребно посегнување по анксиолитици, а токму тоа може да предизвика и други проблеми и несакани ефекти кои понатаму егзистираат од недостаток на едукација и дисторзирани информации добиени од форуми, блогови, социјални мрежи, разговор  со пријател (кој не е стручно лице), но го имал сличниот проблем и користел исти лекови кои му помогнале. Проблемот е дека граѓаните кај нас одбираат да се изложат на опасност од медикаменти без воопшто да се информираат дали им се потребни, владее една инертност, одбираат лекот да го сработи тоа што тие можат да го сработат на себе со помош на психијатар. Отворено и искрено да разговараат, да го најдат сопствениот баланс и да имаат редовна ментална хигиена со помош на стручно лице. Кај нас се уште постои недоверба и донекаде срам од признавање дека културолошките и социо-економските фактори и ситуации околу нас, предизвикале промена на нашата емоционална состојба. Како што кажав, живееме во време кога изменетите состојби на емотивниот и менталниот склоп се нормална појава и токму таквите реакции и промени се составен дел од нашите природни процеси и нè прават токму тоа што сме, рационални и емотивни битија.

Женски магазин: Според вашето искуство, кои се најчестите болести за кои се бара помош од стручни лица?

Д-р Темелковска: Постои широк спектар на психички пореметувања, растројства и состојби на криза за да се генерализира. Некои од нив се резултат на наследниот фактор, а некои пак се појавуваат како резултат на начинот на живот, одредени тригер фактори во текот на животниот процес за кој отсуствуваат адекватни одбранбени механизми. Сето тоа доведува до неуротрансмитерски дисбаланс, кој пак доведува до одредени промени во когнитивната функција на мозокот и емоционалниот аспект кај личноста. Но, сепак не може да се занемари ниту пак да се минимизира влијанието што врз целиот ментално-емотивен склоп на секоја индивидуа, го има модерниот начин на живот, сензибилитетот на времето, масовните медиуми, стресот, обврските и што уште не. Самите не сме ни свесни, сите оние слики што ги гледаме, информации што нашиот мозок ги процесира секојдневно, колку големо влијание имаат врз нашата ментална состојба, колку нè менуваат и некогаш нè претвораат, во условно кажано, „нестабилни“ или „несигурни“ личности. Голем број од овие промени не се болести, само состојби за кои со правилниот пристап, соодветен разговор или третман се изнаоѓа решение и се постигнува баланс.

Женски магазин:  Дали во предизвикувачкото секојдневие е возможно да се сочува и одржи менталното здравје и како?

Д-р Темелковска:Како што кажав, вистина е дека живееме во многу предизвикувачко секојдневие каде од секој агол се заканува и надвиснува некоја стресна ситуација, нервоза, несигурност или неизвесност. Така што, одржување на ментална хигиена е се потешко и покомплицирано. Во извесни случаи може се уште да функционира она прагматично решение „најди време за себе“ или трансформирање на негативната енергија во позитивна, занимавање со креативни и стимулативни активности. Често помага и физичката активност од кој било вид, дали јога, трчање, креативни активности, секојдневно пешачење, хигиена на сон, здрава и балансирана исхрана, поминување време во природа, а не помалку важно е одржувањето на социјалниот аспект од животот на високо ниво, што подразбира често поминување време со личности кои ни се пријатни. Има индивидуи кои не можат да се изборат за ментален мир на ваков начин, кои многу потешко и скоро никогаш не ги препознаваат симптомите и промените во сопствениот ментален склоп. Затоа, најдоброто решение, што се почесто се случува иако не онолку колку што е потребно, е разговор со стручно лице.

Женски магазин: Колку луѓето се свесни за сериозноста од психичките болести и дали бараат стручна помош?

Д-р Темелковска: Пред се, не е така едноставно и лесно да се оцени, а особено кога станува збор за самиот себе, дали постои некое заболување или не. Најчесто не, а за оние кои можеби насетуваат дека постои некаков проблем, тука се предрасудите и стереотипното размислување за функцијата на психијатарот. Сето тоа ги оддалечува луѓето од менталниот мир и емоционалната зрелост и уште позагрижувачки, токму таквиот пристап доведе до онаа ситуација на прекумерна, неконтролирана и самоиницијативна злоупотреба на анксиолитици, а многу често и неадекватно користење на антидепресиви. А морам да напоменам дека, овие медикаменти кога се користат несоодветно и неадекватно, предизвикуваат далекусежни и сериозни последици. Во состојби каде е потребно медикаментозно лекување, психијатарот е тој што одлучува дали и во која состојба кој медикамент да се применува и колкав временски период.  Наспроти тоа, евидентно е дека се поголем број млади луѓе се охрабруваат да се јават на психијатар без стравувања и предрасуди, спремни да ги изложат потешкотиите, но и да примат совет, без страв од дискриминација. Добро е што младите ги отфрлаат стереотипите типични за средовечната популација дека психијатрите се за „лудите“.

Женски магазин: На кој начин во вашата ординација се справувате со овие болести, кој е начинот на третман, односно по што се издвојува MindLab во специјализираниот психијатриски пристап?

Д-р Темелковска: Прво и основно правило воопшто во медицинската пракса а секако и во психијатријата е индивидуалниот пристап. Секој човек, секоја индивидуа е свет за себе и секој пристап започнува од автентичноста на пациентот, неговите лични состојби и предизвици. Врз тоа се гради секој психијатриски третман. Покрај индивидуалните сесии, соодветно се прават и групни сесии, како и партнерска психотерапија. Во MindLab се применуваат и специфични специјализирани третмани, што се единствени во Македонија. Една од нив е tDCS, односно транскранијална стимулација на мозок, неинвазивна метода, преку која со ниски нивоа на струја  (до 2мА) преку 2 електроди се врши ексцитација или инхибиција на невроните на кортексот на големиот мозок. Понатаму се работи ЕМДР, која е моќна психотерапевтска техника што многу успешно се применува кај луѓе кои претрпеле различен вид траума, панични напади, вознемирувачки спомени, посттрауматски стрес и многу други емоционални проблеми. Во областа на ПТСД (пост трауматско стресно растројство), ЕМДР денес се вбројува во методите за кои има најмногу истражувања и докажано е една од најефикасните методи за третман и лечење на ПТСД и траума воопшто. Овој третман се смета за најефикасна терапија поради фактот дека може да донесе брзо и трајно олеснување за повеќето типови емоционални проблеми. 

Покрај горе споменатите методи, MindLab е лиценцирана и за напредните терапевтски методи како когнитивно бихејвиорална терапија (CBT), која во светот широко се применува како терапија број 1 кај депресијата, паничните напади, анксиозните состојби. Користиме и терапија со виртуелна реалност, која е исто така позната како компјутеризирана CBT. Оваа терапија ја претставува употребата на технологијата и виртуелната реалност во психотерапијата. Широко се користи како алтернативна форма на експозициона терапија, во која пациентите комуницираат со безопасни виртуелни претстави на трауматски стимулуси, со цел да се намалат одговорите на стравот. Се покажа дека е особено ефикасен во третманот на посттрауматско стресно растројство, различни видови фобии и анксиозни нарушувања.Користиме модерна, специјално дизајнирана VR платформа од Limbix. Со Limbix можеме да третираме фобии од возење, агорафобија, страв од летање, страв од јавен настап, а исто така користиме и техники на релаксација. Понатаму, уредот MUSE, специјално дизајнирана платформа за медитација која за време на медитацијата ги мери мозочните сигнали и е прв уред во светот кој дава real-time feedback за тоа што се случува во нашиот мозок додека медитираме и дали воопшто успеваме да медитираме. Одличен е за анксиозни состојби, панични напади, релаксација, подобрување на расположение, намалување на стрес и исцрпеност.

Женски магазин: Спомнавте tDCS, за каков третман поконкретно станува збор?

Д-р Темелковска:Овој метод, којшто на широко се работи во светот важи за модерен, револуционерен, неинвазивен и медикаментозно ослободен третман. Се изведува за првпат во Македонија и единствено во MindLab. Има широка примена кај разни невролошки заболувања, регенерација на нарушена моторика или функцијата на говорот по повреди на главата и мозочни удари, кај Паркинсонова болест, мигрена и болни состојби од различно потекло, но и кај психијатриски нарушувања од типот депресија, анксиозни состојби, болести од зависност, а постојат индикации дека методот позитивно делува и кај здрави луѓе. Ги зголемува когнитивните способности, ја зголемува концентрацијата и го подобрува фокусот. Во светската психијатриска пракса голема примена наоѓа и кај спортисти, за зголемување на спортскиот перформанс и фокус. Терапијата се спроведува со помош на уредот Starstim, уред на реномираната компанија Neuroelectrics. Времетраењето на еден циклус е 10 до 15 апликации. Апликациите се спроведуваат секојдневно по една апликација од 20 до 30 минути. Третманот е неинвазивен, безболен и нема несакани ефекти, а доколку се јават, тоа би било минимално пецкање и црвенило на скалпот. Може да се користи во комбинација со медикаментозна терапија, но кај голем број растројства дава одлични резултати и без медикаментозна терапија. На крај, и покрај сите овие методи, секоја индивидуа е свет за себе, а разговорот со специјалист ги решава сите дилеми и нуди најсоодветно решение. MindLabе лабораторија што е отворена за сите а подетални информации може да се добијат и од нашата веб страна на http://mindlab.mk/mk/.