,

ИНТЕРВЈУ СО МАРЈАН НЕЧАК: Ме ужаснува дилетантизмот во уметноста

Никој не го финансира театарот кај нас. Министерството за култура на сите им дава по една трошка од колачот наречен буџет. Сакаат кон сите да бидат „добри“, но со тие пари никој ништо не може да направи, револтиран е докажаниот македонски уметник

Со музика се занимава од својата петта година. Во родната Битола завршил нижо и средно музичко училиште (соло пеење и контрабас), но негова комфорна зона е компонирањето на кое студиозно му пристапува уште во гимназиските денови. Одбива да студира композиција на некој од регионалните факултети сметајќи дека таквото учење е стереотипно и некреативно. Желбата да биде слободен уметник, а не, како што вели, клон создаден од професорите, била пресудна да продолжи сам да изучува и креира. Кратко време по оваа негова „радикална“ одлука му се случува Битолскиот театар, соработка со докажани македонски режисери, но и со уметници од поранешните ју-простори. Многу години подоцна со сериозни проекти во својата биографија, се запишува на Факултетот за аудиовизуелни уметности ЕСРА каде завршува театарска и филмска композиција. Овојпат поводот за разговор со Марјан Нечак е претставата The Little Wire Girl продуцирана од Словенско Народно Гледалишче, а копродуцент е Битолскиот подвижен музички театар (Moving Music Theatre) чиј основач е тој. По премиерната изведба на отворањето на фестивалот „Драма“, претставата на 28 јуни ќе гостува во Нови Сад, а на 7 август ќе ја види и македонската публика на фестивалот „Охридско лето“. Официјалната премиера е закажана на 28 септември во Љубљана. Во проектот е вклучена и нашата редовна колумнистка, поетесата Ана Бунтеска.

- Андерсеновата „Девојчето со кибритчињата“ ми беше отсекогаш инспирација, односот помеѓу татко и ќерка, позицијаta во која се наоѓа.. Со писателката Маја Хрговиц пред повеќе од две години почнавме да пишуваме денешно видување на тоа дело, своевиден римејк, но уште на почетокот создадовме „наша“ приказна која само е инспирирана од Андерсеновата бајка. Во светската драматургија односот помеѓу ќерка и татко е речиси незабележлив, малку дела зборуваат за оваа тема, па го создадовме проектот „Девојката со жиците“ – објаснува Нечак.

* Станува збор за мултимедијален проект, за аудиовизуелен перформанс мешавина од различни пристапи во интерпретирањето. Која е пораката која треба да допре до аудиториумот?

- Музичкиот театар подолго време во Европа е правец за кој интерес имаат и младите генерации и повозрасната публика. Во него драмскиот текст и музиката се подеднакво важни, правец кој мене како автор ми дава посебна инспирација на многу полиња, тргнувајќи драматуршки, музички и визуелно. „Девојката со жиците“ во принцип е драмска претстава која се интерпретира на зададена музичка матрица која секогаш исто трае, отпеаните делници доаѓаат како емотивни кулминации во самата претстава. Перформансот е спој на неколку правци, театар, филм, опера.. Сценските реквизити не ги доживувам само како декор или помагала, туку како простор низ кој тече некаков живот, визуелен и аудитивен..

Претставата говори за талентирана виолнистка од Балканот која поминала многу тешко детство, била маргинализирана од нејзиниот татко,класичен балкански пропалица.. Разочарувајќи се од својата позиција тука, како уметник тргнува да си ја бара среќата во убавата и лицемерна Европа патувајќи со воз. На својот пат среќава личности многу слични на нејзиниот татко често прашувајќи се дали ова што ѝ се случува е реалност.

* Носечките улоги им ги доверивте на реномирани словенечки артисти. Како се случи соработката со нив?

- Со актерите поминавме низ долг и интересен процес. Материјалот го добија повеќе од месец пред првата проба и беа максимално подготвени. И двајцата се музички талентирани што е предуслов да се работи ваков тип на претстава. Првпат се сретнаа со ваков начин на работа. Особено специфично е тоа што времето во претставата го задава музиката које е секогаш иста, така што драмските сцени актерите ги интерпретираат по зададена музичка матрица. Нивната посветеност ви дава можност да немате креативни граници. Тоа се актери со кои и вие како автор созревате, се надоградувате.

* Автор на стиховите е познатата македонска поетеса Ана Бунтеска. Зошто баш Ана? Се познавате од поодамна, сте имале ли можност и порано заедно да креирате?

- Ана ја познавав само како поезија која тече и не запира, збор во кој има едноставност и длабина, збор кој ќе ве штукне од умот, кој ќе ве распарчи на парампарчиња и веднаш ќе ве состави. Читајќи ги нејзините песни бев фасциниран на начинот на кој мене како читател ми се обраќа, искрено до болка со брзи емоционални скокови. Си помислив „тоа е тоа“, таа ќе ги напише стиховите за претставата. Така и се случи. Ја поканив, неа ја понесе темата и тргнавме. Нејзините стихови се духовна зависнот не само за мене, туку за целата екипа која работеше во Љубљана.

* Активен сте на повеќе сцени, режирате и компонирате. Кој уметнички израз најмногу Ве возбудува?

- Мојата љубопитност и мојата потреба за креативност ме одведоа во повеќе  правци. Последниве неколку години имам агент од Белгија за филмска музика со кого направивме неколку добри остварувања. За еден од филмовите добив и награда за најдобра музика во краток филм на фестивалот во Монтреал. Оваа година ќе работиме краток филм кој моментално се снима со работен наслов Marquet Place. Моментално пишувам музика за балетот „Окованиот Прометеј“, праизведбата ќе биде во Сараево на крајот на ноември. Кореограф и режисер е Белма Цецо - Бакрац.

Како режисер сум активен последниве неколку години, но повремено, бидејќи мојата подготовка за една претстава некогаш трае повеќе од една година и сметам дека само така се доаѓа до посакуваниот резултат. За проектот со кој го оформив подвижниот музички театар, моно-операта „Дневникот на лудиот“,  само со актерот работевме девет месеци. На последниот проект „Девојката со жиците“ му посветив две и пол години. Моментално во театрите кај нас и на поранешните ју-простори се работи како на лента. Некои режисери прават претстава и за 40 дена затоа што веќе следиот ден имаат прва проба во друг театар, што за мене не е ништо друго освен дилентантизам. Да се вратам на вашето прашање. Ме возбудува и му се радувам на секој проект што доаѓа без разлика дали се работи за театар, опера, филм или музика за балет. Ме возбудува посветениот начин на работа, а ме ужаснува дилетантизмот кој се продава како „правилен нацин“ како денес се работи во театар.

* Основач сте на Битолскиот музички театар, бевте доста ангажирани и во Хрватска. Кои дела ги сметате за најголем успех во Вашето досегашно делување?

- Пред три години оформувајки го Movin Music Theatre ја создадов моно операта „Дневникот на лудиот“ во која игра хрватскиот актер Озрен Грабариќ, претстава со која гостувавме на сите важни фестивали на Балканот и за која добивме одлични критики и освоивме над дванаесет награди. Moving Music Theatre е едниствениот од ваков тип на овие простори, но и пошироко кој негува музички театар, мултимедијални проекти, драмски концерти.. Иако создавам специфични претстави кои на гледачот делуваат на неколку нивоа, сепак би сакал до гледачот да допре суштината од приказната.

Веќе осумнаесет години сум присутен на хрватската сцена, ја чувствувам како домашна. Таму сум работел многу проекти од кои сум учел и се уште учам. Таму имав можност да је напишам првата опера, првиот балет.. Последните неколку години исклучиво работам надвор од Македонија, повремено кај нас со режисерот Љупчо Георгиевски и на есен во Битолскиот театар ќе работам со Владимир Милчин. Никогаш делата не ги мерам.

* Имаат ли институциите слух за Вашата работа?

- Никој не го финансира театарот кај нас и не постои алтернативна сцена. Министерството за култура, како и претходното на сите им дава по една трошка од колачот наречен буџет. Тоа е ужасно несериозно. Комисиите не ги читаат ниту проектите, ниту биографиите на авторите. Сакаат кон сите да бидат „добри“, но со тие пари никој ништо не може да направи. Затоа одлучивме да почекаме последнава година и не аплициравме за да добиеме „трошки“. Чекаме и трпеливи сме Министерството да се надмине себе си и да почне да размислува дека алтернативната сцена е креатор на културата, по неа се развива „железната сцена“. Можеби сегашниов министер ќе ја има таа чест. Повремено добиваме спонзорства од кои можеме да покриеме некои ситни трошоци. Во оваа прилика би се заблагодарил до Еуростандард Банка која финансиски го помогна проектот „Девојката со жиците“.

Ѓорге Стојанов