ИНТЕРВЈУ- АМЕРНИС НОКШИЌИ- ЈОВАНОВСКА: Жените во Македонија уште живеат во машки свет

Притисоци имаше од сите страни, но, за мене најтрауматично искуство е венецот што ми го донесоа на врата. Не би му посакала на никој такво искуство. Справување нема, надлежните сè уште го немаат најдено виновникот

Една од најангажираните и најхаризматичните наши актерки, еднакво успешна и во театарот и пред Тв камерите. Амернис Нокшиќи-Јовановска (40) може да се пофали со над 50 улоги во театар, на ТВ и на филм. Несудена балерина, а сега вработена во Албанскиот театар и паралелно ангажирана и во други театри, Амернис вели дека со добра организација на секој ангажман може да му се посвети. Добитничка е на повеќе државни и меѓународни награди за најдобро актерско остварување: за најдобра женска главна улога во филмот „Сакав да го видам сонцето“, за најдобра споредна женска улога во претставата „Кабаре“ на Фестивалот „Војдан Чернодрински“ во Прилеп, награда за најдобра главна женска улога за претставата „Прст“, и на „Војдан Чернодрински“ и на меѓународниот фестивал „Flaka e Janarit“ во Косово… Нејзината најголема среќа е семејството, ќерките Бора и Каја, и сопругот, познатиот новинар Борјан Јовановски. Во приказната за Женски магазин, Амернис отворено зборува за актерските, но и за личните предизвици и препреки.

Сцена од претставата „Жените“

Женски магазин-На кои ангажмани, претстави во моментов работиш?

Амернис- Во моментов сум преокупирана со новата претстава „Дантоновата смрт“ на Бихнер во резија на Дино Мустафиќ, чија премиера е закажана за 24 мај.

Амернис во претставата „Вечера на ронките“

Женски магазин- Дали ти е тешко да се организираш помеѓу Албанскиот театар каде што работиш и другите во кои гостуваш?

Амернис- Не, воопшто, бидејќи имаме меѓусебно разбирање, но и со добра координација на датуми нема никаков проблем.

Женски магазин- Колку години имаат твоите ќерки, за што се талентирани?

Амернис-Бора сега во јуни ќе наполни 12, и е заинтересирана за уметноста како мама, а Каја има 10, и многу сака да се грижи за животните. Каде ќе ги одведе патот не знам, но тоа што знам е дека нема сигурно да им се мешам во нивниот избор и секогаш ќе ги поддржам во тоа што ќе биде нивен сон.

Улога во „Љубовникот“

Женски магазин- Поради новинарската професија на твојот сопруг, често беше изложена на политички притисоци и провокации. Кои искуства ти беа најтрауматични и како се справивте до таквите непријатности?

Амернис- Притисоци имаше од сите страни, но, за мене најтрауматично искуство е венецот што ми го донесоа на врата. Не би му посакала на никој такво искуство. Справување нема, надлежните сè уште го немаат најдено виновникот.

Од „Незаборавната пролет во заборавеното село“

Женски магазин- Имаше ли предрасуди кај околината поради твојот избор да се омажиш за човек од друга вера и националност?

Амернис- Предрасудите постојат и секогаш ќе постојат. Лично не сум обрнувала внимание на тоа а ниту имам намера да се занимавам со тоа. Во денешно време, во коешто се стремиме кон демократија, такви работи дури и се дегутантни да се разговараат. Изборот е мој, јас одлучувам, јас живеам.

Во претставата „Осакатениот“

Женски магазин- Како функционирате Борјан ти токму поради таквите предрасуди, и општо, како две јавни личности?

Амернис- Разлики во еден брак нема, без разлика на тоа што сум јас Албанка, а Борјан Македонец. Си функционираме одлично и добро се надополнуваме. А можам да кажам дека имаме и предности.

Импресивно ја изигра улогата на Ана Терзиева, сопругата на докторот Виктор, во ТВ серијата „На терапија“.- Амернис со Никола Ристановски

Женски магазин- Колку жените во Македонија, и Македонките и Албанките се независни и дали им се еднакви на мажите?

Амернис- Се повеќе зема замав темата жени, свесни сме дека живееме во машки свет и тоа треба да се смени. Секоја жена треба да си го одработи најдобро својот удел во интегрирање на жената во секој општествен аспект. Во однос на независноста, сметам дека сè уште има многу жени кои се зависни во однос на мажот, и секако дека има жени еднакви на мажите, но тие се ретки случаи во Македонија.

Семејството е двигателот на мојата среќа.- Амернис со ќерките Бора и Каја и со сопругот Борјан

Женски магазин- Зошто место за балет, се одлучи за актерство?

Амернис- Актерството од секогаш ми била прва љубов и несомнено беше дека ќе се запишам на ФДУ. Не сум погрешила во мојот избор, ја обожавам мојата професија, ме прави да се чувствувам слободна, да навлегувам во ликови и да креирам.


Женски магазин- Каква е Амернис приватно, што те прави среќна кога не работиш? 

Амернис- Секогаш истиот одговор. Семејството е двигателот на мојата среќа.

Милица Џаровска