,

ИМА ОСУМ ГОДИНИ И ТРОЈНО ПОВЕЌЕ ПЕХАРИ: Запознајте го Петар, македонскиот шампион во картинг

Додека неговите врсници се обидувале да возат велосипед без помошни тркала, Петар Богатиновски веќе ги имал првите тренинзи на картинг патеките. Има осум и пол години и тројно повеќе освоени пехари. По неговата апсолутна доминација во српскиот шампионат, регионалните медиуми почнаа да го нарекуваат „македонското чудо од дете“. Следен предизвик за малиот спортски херој е трката во Чешка на 28 јули во рамките на CEZ (Централно европска зона) каде моментално е на третатата позиција во генералниот поредок. Лошата вест е што неговото патување е неизвесно.

- Петар има уште четири трки кои треба да ги извози за 2018 година. Во централно европската зона тој е моментално на третата позиција и таму има уште четири натпревари, два во Чешка, еден во Унгарија и еден во Белград. Неговото натпреварување на тие патеки е под знак прашалник. Ги немаме обезбедено потребните средства,  а реално може да заврши меѓу тројцата најдобри и тоа би било голем успех за Петар, но и за македонскиот спорт воопшто. Се надевам дека во деновите што следат ќе изнајдеме некакво решение бидејќи за десет дена треба да патуваме - објаснува Игор Богатиновски, таткото на Петар, повеќекратен шампион во автомобилизам кој пред три години ја заврши кариерата и одлучи да му се посвети на својот син.

На четири и пол години го имал првото возење на патеката во „Борис Трајковски“

Игор немал дилема како да постапи кога неговиот син пројавил интерес да тргне по неговите стапки, но неговата сопруга Ирена на почетокот не била импресионирана што нивното дете од толку спортови го одбрал баш овој, најмногу поради безбедноста.

- Петар самиот одбра да ме наследи зад воланот.  Од многу мал гледа Формула 1. Цели два часа седеше пред екранот без да трепне, што беше нетипично за двегодишно дете. Веќе на четири и пол години првпат проба картинг на патеката во „Борис Трајковски“. Веднаш покажа талент. Се сеќавам на таа негова возбуда пред секое возење. Самиот бараше да го носам на патеката. Имаше прилика да присуствува на последните две трки што јас ги возев и тоа му даде дополнителен мотив. Кога се вративме дома самоуверено ми се обрати: „Тато, сакам да се натпреварувам, ќе бидам најдобар!“ - се присетува Игор кој во својата дваесетгодишна кариера има пет шампионски титули.

По неговата апсолутна доминација во српскиот шампионат, регионалните медиуми почнаа да го нарекуваат „македонското чудо од дете“

На патеката во Белград, Петар дебитира на шест и пол години кога српскот шампионат бил во полн ек. Веднаш покажува резултат (второ и трето место) без никакви сериозни подготовки. Веќе наредната сезона има апсолутна доминација во класата „Бамбини“ каде се натпреваруваат деца од 6 до 9 години. Од вкупно 24 трки не победува само на една.

Од оваа година нашиот шампион се натпреварува во Спорт Стил Куп, европскиот куп каде што дел од натпреварите се бодуваат за српскиот шампионат каде Петар е на чекор од освојување на третата шампионска титула.

Петар одамна покажа дека е подготвен и за најпрестижните картинг натпревари кои претежно се во Италија, но некој мора да инвестира во неговиот талент. Таму партиципираат сериозни тимови и мотивираноста за врвни резултати е уште поголема.  

- Еден викенд на такво збиднување чини 5.000 евра. Нашиот син мора да добие шанса за да се покаже. Таму се присутни сериозни тимови и ако покажете резултати за кои Петар е дефинитивно подготвен и физички и ментално, веднаш ве зимаат под закрила во нивните академии и тогаш приказната добива сосема поинаков тек. Детето веќе е влезено во тој свет, професионалци се грижат за неговото школување, вие не плаќате котизација за учество, не размислувате каде ќе се сместите и колку ќе ве чинат патните трошоци.. Едноставно, финансиите се нивна грижа и сѐ е многу полесно - раскажува Богатиновски.

Спортот е дел од неговиот живот, но наоѓа време и за игра. Редовно ги извршува училишните обврски, оди на курс по англиски, функционира како секое нормално дете: Петар со семејството

Она што дополнително ги комплицира работите во моментов е тоа што формално родителите на Петар не може да се надеваат на поддршка од државата.

- Институционално, ние сме, условно кажано, во клинч. Одговорните кај нас не можат да ни помогнат затоа што Петар мораше и оваа година да настапува со српска лиценца, а во српскиот шампионат не можат да ни излезат во пресрет затоа што имаме македонски пасош. Затоа сега сме во една незавидна ситуација која треба да се реши дури на крајот од годинава. Тогаш има преоден рок кога треба да земеме исписница од српската федерација и да прејдеме во македонската. Тогаш мислам дека ќе ни биде многу полесно и дека институциите ќе застанат позади нас – појаснува Богатиновски.

Сепак, нагласува дека не треба да се заборави дека државата има ограничен буџет кој покрива само дел од трошоците.

- Нас ни е потребен генерален спонзор кој би го искористил Петар како заштитно лице за нивниот бренд, комплетната поддршка да ја имаме од некоја наша голема компанија која ќе ни овозможи натпреварот да не ни биде терет, да не нѐ оптоварува  таа финансиска конструкција пред секој нареден предизвик. Така би можеле да скроиме стратегија каде би продолжиле да се натпреваруваме во 2019 година. А, вака под знак прашалник е дали и оваа сезона ќе можеме до крај да ја истераме. Една трка веќе пропуштивме во Птуј, Словенија, а со тоа Петар автоматски паѓа во генералниот пласман. За еден викенд изгуби две трки. И не му е сеедно. Тоа се ситуации кога на вашето дете треба да му објаснувате работи кои едноставно го оптеретуваат - искрен е Богатиновски.

Ѓорге Стојанов