И вереникот на Викторија Лоба во Меѓународниот сојуз на Боки 13

Долгогодишниот партнер и иден сопруг на популарната пејачка Викторија Лоба бил еден од членовите на Управниот одбор во Меѓународниот сојуз на Бојан Јовановски. Името на скопскиот бизнисмен Ѓорги Калешов стои и на официјалниот сајт на хуманитарната организација со која раководеше популарниот Боки 13.

Лоба во интервјуата секогаш многу претпазливо зборува за нејзиниот емотивен партнер, но тој редовно ја придружува на поголемите настани врзани за нејзината кариера. Двојката се појави заедно и на една од роденденските забави на Боки.

„Со Ѓорги сме различни, ама складни“, изјави пејачката во едно интервју, а пред неколку месеци во естрадниот магазин „Бекстејџ“ конечно го покажа и вереничкиот прстен.

Во Управниот одбор на контроверзниот Сојуз, како членови се наведени и познатиот бизнисмен Енвер Малиќи, основачот на групацијата Гемак, докажаната новинарка Искра Новаковска и Владо Богоев, таткото на градоначалникот на Карпош, Стефан Богоев.  

Бојан Јовановски кој како претседател на сојузот најавуваше големи проекти и активности, веќе две недели е во истражниот затвор во Шутка осомничен за примање поткуп и перење пари.