Храната е дар, а празниците се потсетник да го даруваме најдоброто од себе: Празнично со Никола Мишковски

Велигден е еден од најголемите христијански празници и поради својата суштина се издвојува од сите други денови. Велигденските обичаи се разликуваат од регион до регион, но симболиката е секогаш иста: победата на животот над смртта.
Велигден го претставува самото јадро на христијанството, кое е победата над смртта преку жртви и страдања. Додека се слави Велигден воскресението како една од најважните догми на христијанството, важна е и подготовката на верниците за овој празник.
Велигден е ден на радост. Бијат црковните ѕвона, а луѓето се поздравуваат со „Христос воскресе“, со задолжителен одговор „Навистина воскресе“. Велигден е семеен празник и се слави со присуство на сите членови на семејството и со празнична трпеза што го означува крајот на четириесетдневниот пост.
Пред големиот ден Велигден , празнично разговараме со познатиот македонски готвач Никола Мишковски кој се прослави во кулинарското шоу „Брза кујна“ на телевизија „Сител“. Тој ни откри како ги прославува велигденските празници, но и што задолжително како готвач знае да подготви за семејството.
Читате во редовите подолу...
ЖМ: Велигден
– симбол на убавината и раскошното предание на нашата празнична култура. Време
кога молитвите за добрина и меѓусебна љубов се сплотени на многу верници. Што
претставува за вас овој голем празник, како вие го доживувате?
-За мене
Велигден е празник на душата и трпезата. Тоа е време кога се буди надежта, се
слави животот и се обновуваат вредностите. Како готвач, овој празник го
доживувам и како најубав предизвик – да се спојат традицијата и креативноста на
трпезата, да се создаде атмосфера која ги зближува луѓето преку храната.
ЖМ: Како и каде ќе ги поминете Велигденските празници?
-Велигден секогаш го поминувам со семејството. Домот ми е најважното место, особено кога се работи за празници. Сакам да се подготвувам неколку дена однапред, со внимание кон секој детаљ – од јајцата до последниот украс на масата. Тоа е време кога кујната станува срцето на домот.
ЖМ: Кој е вашиот омилен рецепт што го подготвувате секогаш за Велигден, кој е задолжен за празничната трпеза во вашиот дом и што најчесто подготвувате?
Јас сум задолжен за празничната трпеза, и тоа е улога која ја прифаќам со голема љубов и посветеност. Најмногу се радувам кога подготвувам домашна виткана пита со праз и сирење – традиционален рецепт што ми останал од баба ми. Таа пита има посебно место на трпезата секоја година. Секако, тука се и печеното јагнешко, млади компири и свежа зелена салата – комбинација која секогаш носи насмевки на лицата на моите најблиски.
ЖМ: Кој е задолжен за вапцувањето на јајца во вашиот дом, колку вашите деца се радуваат на оваа традиција доколку ја практикува вашето семејство?
-Во нашиот дом, мојата сопруга е задолжена за вапцувањето на јајцата. Таа го прави тоа со голема љубов и внимание – секогаш сака се да биде совршено, и боите, и украсите. Децата секоја година со нетрпение го чекаат тој ден, учествуваат со неа, ѝ помагаат и секогаш е весело и креативно. Тоа е убава традиција што не само што ја одржуваме, туку и уживаме заедно како семејство.
ЖМ: Што ви буди Велигден од детството, се сеќавате
ли како ви поминуваа празниците како мали?
Велигден ми буди спомени на топлина, смеа и мирис на печени
јадења. Се сеќавам на раните утрински часови кога баба ми веќе месеше зелник, а
ние трчавме да видиме кој ќе победи со јајце. Тоа беа искрени и чисти моменти
кои денес се обидувам да ги пренесам на моето семејство.
ЖМ: Велигден е празник над празниците, победата на животот над смртта. Дали како личност правите пресек на работите кои сте ги направиле минатата година и дали после големи празници знаете да завртите нов лист или пак да помогнете некому?
-Апсолутно. Велигден ме потсетува дека секој ден е шанса за нов почеток. Секогаш размислувам што направив добро, каде можам подобро и што можам да направам за другите. Како готвач, секогаш сум подготвен да помогнам – со оброк, со совет или со едноставна насмевка. Храната е дар, а празниците се потсетник да го даруваме најдоброто од себе.
ИРЕНА СТАВРОВА