Ги презираше децата, партнерот го изневеруваше: Животната приказна на Карл Лагерфилд

Кога мајка ми ќе ја замолев да ми прочита приказна, ќе ми одговореше: „Научи да читаш!“. А, кога ќе одлучев да ѝ раскажам приказна, ме прекинуваше; „Ти можеби имаш четири години, но јас немам“

Карл Лагерфилд кој почина на 19 февруари годинава ја презеде креативната контрола во модниот гигант „Шанел“ во 1983 година, повеќе од една деценија по смртта на Коко Шанел. Оваа модна куќа со заработка од четири милијарди долари годишно стана еден од најпрофитабилните луксузни брендови во светот. Иако, речиси двојно постар од останатите креативни директори на светските модни куќи, Лагерфилд го нарекуваа Крал на модните недели и секогаш нудеше атрактивни колекции.

За разлика од Ив Сент Лорен кој до пензионирањето во 2002 година често имаше психички напади, силата на Лагерфилд е што никогаш не го изгуби разумот поради работата, коментираат блиски пријатели на славниот германски дизајнер кој почина денеска во Париз на 85-годишна возраст.

До неодамна, Карл годишно креираше дури осум колекции за Шанел, некои ready to wear, некои haute couture, пет за италијанскиот луксузен бренд Фенди каде исто така беше креативен директор и неколку за сопствениот бренд. Способноста да осмисли толку креации за три различни бренда го правеше уникатен дизајнер, кој дури наоѓаше слободно време да се занимава и со фотографија.

Лагерфилд зборуваше четири јазици - германски, француски, италијански и англиски. Имаше сопствена издавачкиа куќа која објави преку 40 наслови, а области кои особено го интересираа беа митологија и архитектура. И самиот пишуваше. Неговата книга The Karl Lagerfeld Diet која во 2002 година ја објави во соработка со лекарот Жан Клод Худрет е продадена во повеќе од милион примероци.

- Ако проблемите со вишокот килограми не ви се важни, ако не жалите за фактот што не можете да носите трендовска облека и мали конфекциски броеви, тогаш оваа книга не е за вас - напиша тој во предговорот.  

Лагерфилд беше познат по суровите коментари кога се во прашање светски познатите личности. За Адел рече дека е предебела, а на Пипа Мидлтон, сестрата на Војвотката од Кембриџ, јавно ѝ порача дека треба да го покажува само задниот дел од телото. Не го штедеше ни покојниот уметник Енди Ворхол, за кој велеше дека физички е исклучително одбивен. Сепак, се критикуваше и себе си и знаеше да каже: „Видете ме, јас сум карикатура“.

А, дефинитивно беше препознатлив по имиџот. Себе си се сметаше за аристократ од 18-от век кој со временска капсула се префрил во 21-от век. Имаше иста фризура од 1976 година, а неговиот плакар беше полн со бели кошули со висока јака со кои редовно носеше црно сако и панталони, кравата, наочари за сонце и ракавици со потпис на францускиот бренд Causse, уникатни чизми од крокодилска кожа Massaro и секако неизбежните лепези. Обожаваше уникатни брошеви, но и атрактивните прстени на Chrome Hearts. Модните комбинации ги разбиваше со нови елементи, калсиката ја надополнуваше со популарни дизајнерски парчиња, стандарнуиот аутфит знаеше да го зачини со златна бејзбол јакна или со спортски капут. Дури понекогаш носеше и апостолки со чорапи. Луѓето од модниот свет велат дека сакал да изигрува дива. На свечените вечери секогаш доаѓал последен. Бил познат по доцнењето.

Карл Ото Лагерфилд е роден на 10-ти септември во Хамбург во ситуирано семејство. Неговите родители биле исклучително образовани и начитани. Неговиот татко богатството го стекнал со производство на кондензирано млеко, а мајка му Елизабет била виолинистка. За време на владеењето на Хитлер, семејството се сели во изолираниот дел на северот на земјата каде Карл растел со постарата сестра и со полусестрата од првиот брак на татко му.  

Кога мајка ми ќе ја замолев да ми прочита приказна, ќе ми одговореше: „Научи да читаш!“. А, кога ќе одлучев да ѝ раскажам приказна, ме прекинуваше; „Ти можеби имаш четири години, но јас немам“, раскажа Лагерфилд во едно интервју.

На училиште бил добар ученик, но асоцијален. „Бев премногу егзотичен за тоа училиште. Ги презирав останатите деца. Не си играв со нив, ниту пак ме интересираше нешто за нив. Ретко одев во училиште. Учев дома. До шесттата година зборував германски, англиски и француски јазик и тоа затоа што молев да ме научат. Мојот проблем беше што ми беше смртно досадно, сакав предвреме да пораснам. Детството ми помина мислејќи дека предоцна сум се родил. Дека сум ги пропуштил сите прекрасни работи во животот кои се случувале пред војната, прекуокеанските бродови, Ориент експрес..“, изјавил славниот дизајнер за своето детство.  

Пред да наполни 20 години се преселил во Париз. По две години се пријавил на меѓународно натпреварување во дизајн. Ги пратил своите скици со одбрани ткаенини и го освоил првото место во категоријата „капут“. Се’ друго е историја!

Ретко зборуваше за приватниот живот. Првпат се вљубил во 70-те. Срцето му го освои францускиот аристократ и боем Жак де Баскер, со кој, наводно, имале исти интереси кога се во прашање модата и литературата. Лагерфилд во една прилика објасни дека му помогнал финансиски, но дека никогаш не спиеле заедно.

- Бескрајно го сакав, но никогаш не сме имале физички контакт. Се разбира, ме заведе со шармот - открил во една прилика.

Заедно беа 18 години, сѐ  до смртта на Жак кој имаше многу сексуални излети и почина од сида.