Требаше да станам пијанистка : Интервју со др. Аспазија Софијанова

Пријатен и интересен соговорник е професор др. Аспазија Софијанова, кај пријателите и кај соработниците позната како Цули. Со неа средбата не може кратко да трае, теми за муабет има многу, а најинетерсни се оние, женските. Таа е шеф на одделот за неонатална и педијатриска интензивна нега и терапија на Клиниката за детски болести и претседател на педијатриското здружение на Македонија. Мал дел од нејзиното работно искуствo и поголем дел од животното, сподели во интервју за Женски магазин.

* Пет години бевте директор на Клиниката за детски болести, што според вас направивте за време на таа функција? 

- Јас многу сериозно ја имав сфатено таа работа. За мене, да се извршува една функција на Клиника која уживаше реноме во поранешна Југославија е многу сериозна задача. Бев дојдена од внатре, бидејќи мојот татко беше претходно директор на Клиниката. Излезе малку повеќе и подобро да ги познавам работите и луѓето. Не го сфатив како функција, туку како еден вид продолжување, нешто кое што како тим треба сите заедно да го работиме. Ова беше само еден вид лидерство каде што сеите ние лекарите заедно, треба да го дадеме својот максимум за здравјето на детето. И тоа ако така се сфати, може да функционира добро. Мојата желба беше од самата Клиника да се даде еден правец по кој што ние сите ќе можеме улогата на педијатарот да ја ставиме на пиедестал. Јас сум и неонатолог, работам со новороденчиња, со предвремено родени со критични новородени деца и знам што значи почетокот на животот. Почетокот на животот ми е оној дел кој ми е најдраг да го работам, бидејќи од тогаш можеш да видиш како фамилијата се соочува со предизвиците. Каков квалитет на живот ќе дадеш на една индивидуа, зависи многу од педијатарот. Јас таа улога сакав да ја наметнам и да покажам дека ние претставуваме превенција на една здрава индивидуа, на еден здрав возрасен. Детето од мали нозе добива една култура на однесување, едне квалитет на однесување, кои понатаму ќе го направат да стане здрав возрасен во животот.

Аспазија со татко ѝ

* Има ли конкретен случај на болно дете кој го паметите како најспецифично и најтрауматично искуство? 

- Педијатарот треба да е карактер кој во даден момент треба да изреагира брзо, автентично, точно. Нашата работа е присатност 24/7. Не можам да не го издвојам Јован Коловски, детето од струшко кое беше во кома долго време. Прво беше на интензивна него, па потоа беше префрлен на неворологија, па се врати на интензивна. Од тогаш почна голготата на фамилијата, од 2007 година кога го однесовме со авион до Љубљана, практично во кома, каде што и остана еден подолг временски период. Сега, Јован е едно дете кое е вистинско чудо. Тој е едно нормално дете кое редовно ги извршува сите функции. Излезе од тој автоимунен цефалит кој што е многу редок. Таа воља што ја имаше во себе и тој и родителите, и тоа што заминавме во Љубљана каде што практично ја поставивме дијагнозата, успеа да не заврши фатално. Сега ми е еден од подрагите пријатели. За прв пат, откако прозборе ми се јави на телефон. И тој ден ќе го паметам како ден во кој животот за мене доби друга димензија и уште поголема верба дека чуда се случуваат и дека никогаш не треба да се изгуби надежта до крај.

Со братот кој живее во Канада 

* Колку како жена успеавте да ги совладате емоциите во такви случаи?

- Длабоко во себе сум многу емотивна личност. Кај мене постои длабока контраверзија која е Аспазија Софијанопва внатре во душата и која е надвор. Во секојдневието, јас морам да се однесувам поинаку. Најважно е да се справите со тој баланс во себе и да ги контролирате емоциите. Ако е поинаку, јас би плачела по секој пациент и не би можела да го излекувам. Сум била преплавена од емоции со солзи кои биле солзи од тага, од радост, од немоќ. Сепак, она што ве прави да останете жив се токму тие емоции кои ве прават да сте пред себе чисти дека сте направиле сѐ. Тоа е вистинско живеење на животот. 

* Интересен е вашиот пат до медицината кој доаѓа преку музиката. Свирите клавир од многу мала, зошто не се решивте да станете пијанист?

-  Клавир научив да свирам уште од четири години, а ме научи мојата пријателка Мелпомени Корнети. Потоа завршив нижо и средно музичко училиште, и многу сум горда на мојот професор по хармонија Благој Цанев. Тој ми велеше дека имам многу изострен слух. И денес се дружам со неговиот син, диригентот Борјан Цанев, кој ме кани на концерти во Филхармонија. Понекогаш се мислам зошто не продолжив да студирам музика. И сега ако се прашам зошто меесто музика избрав медицина, мислам дека е поради моите интереси за разни нешта во тоа време. Многу ја сакав астрономијата и сакав да ги проучувам природните науки. Медицината дојде како некоја средина помеѓу таа моја љубов кон музиката и кон науката. Паралелно со средното музичко завршив и гимназија. И денес сакам да правам повеќе работи во исто време.

* Матуриравте во Америка, колку искуството и претстојот таму ви помогна?

- Америка беше искуство кое ми го смени животот. Често велам дека немам место на светот кое го немам посетено, повеќе професионално, а и приватно. Често се шегувам на своја сметка дека сум раселено лице. Едната ќерка живее во Лондон и долги години е таму. Мојот брат и снаата веќе 25 години живеат во Канада. Америка ми создаде еден правец на размислување, ми отвори други димензии, особено средното училиште „Алберт Ајнштајн“ кое го завршив таму. Свирев клавир и играв еден мјузикл во Оклахома.

* Велите дека е Јапонија е земјата во која би можеле да живеете, што ве фасцинираше најмногу од таму?

-Така е. Имав прилика пред четири години да останам во Јапонија три месеци. По претстојот таму, научив колку е кај нов е важна таа презиност, точност и дисциплина со која ако си таму мораш да се носиш. Јас сум личност која многу се анализира себе си, и се поправам ако грешам. Едно искуство од Јапонија ме натера многу да се сменам и да ги поправам тие грешки во чекори кои сум ги правела. 

Во Јапонија ми се случи нешто неверојатно. Доцнев само една минута на работа и тој ден ме избркаа. Конкретно за тој ден, немав право да присуствувам на работа. Културно ме поздравија и ми ја покажаа вратата. Јас не знаев што се случува, и ми објаснија дека доцнам една минута. Тоа ми дојде како опмена на однесувањто генерално. Потоа, бевме на продолжен викенд во Окинава и ги замоливме одговорните од болницата да не пуштат малку порано. Но, кај нив не постои термин порано и не не пуштија. Јас подоцна самата се препознав во тој систем. Правилата на системот таму функционираат за сите исто, и за вас и за претседателот, и за премиерот и за обичниот граѓанин. Моето доцнење и дисциплина на однесување ги сменив таму. Кај нас се оставаат рацете на случајност, а таму е се организирано. 

* Каква сте приватно, колку време посветувате на женската нега и на некои свои ритуали?

-  Приватно, јас сум жена која сака да се негува. Тоа го имам наследено од моите две баби. Двете баби беа дами во вистинска смисла на зборот. Едната имаше завршено факултет во Солун, а другата ја паметам дека секогаш имаше црвени, средени нокти уште додека бев мала. Таа ме носеше во црква секоја недела. Негата и вниманието кое што си го посветуваа е некако нешто јас го носам во себе. Сакам да си дозволам добра масажа. Порано трчав, сега повторно ќе се активирам во тој дел. Сакам многу јога, сакам позитивна енергија, сакам насмевки, сакам позитивни луѓе, желна сум за дружење. Морам да го споменам моето ротаријанско друштво, јас сум член на клубот „Ротари интернационал“. Навистина, луѓето таму ми создаваат една позитивна енергија. Надвор од хуманата димензија која ја тоа друштво ја прави, тие се супер личности. Ме релаксира одењето на концерти, во Филхармонија, излегување со друштво, времето поминато со моите две ќерки. Внатре во себе јас сум жена која има многу љубов. 

Милица Џаровска