(ГАЛЕРИЈА) Лукаревска против Царовска: Нашите мафини се научна фантастика за вашите

Мила Царовска и Коста Петров подобро прават мафини од Сања Лукаревска и Љупчо Николовски, според жири комисијата која ја оцени нивната кулинарска способност на хуманитарниот настан „ Cook Off“, кој се одржа во „Јавна соба“.

Директорката на УЈП Лукаревска, и Николовски, секретар на СДСМ и поранешен министер за земјоделство беа еден тим, а министерката за труд и социјала Царовска, и Петров, потпретседателот на СДСМ во друг тим.

„Сѐ уште не знаеме што ќе готвиме, не ни кажаа однапред“, ни изјави министерката пред да започне настанот. Тимот на Царовска и на Петров беше зајакнат со уште два члена, ќерката на Коста, Бела Леор, и Давид, синот на Царовска. Верни на својата екипа, Бела и Давид постојано го надгледуваа противничкиот тим, и ги брзаа своите родители да ги претркаат.

„Нашите мафини се научна фантастика за вашите“, се пошегува Сања Лукаревска пред комисијата да донесе одлука чиј десерт е повкусен. „Се разбира дека ние ќе победиме. Се шегувам, кој и да победи не е важно. Битно е луѓето да не видат во едно поинакво светло, да видат дека и ние сме непосредни“, ни изјави директорката на УЈП откако ги декорираше мафините.

„Носам маица токму како за Женски магазин, „Resist persists“, ни обрна внимание министерката Царовка на написот на маицата кој ја носи пораката: „Не се фокусирајте на работите кои не ги сакате“. Коста Петров, откако нивниот тим прв завши со готвењето, во свој стил им дофрли на Лукаревска и на Николовски. „Се гледаме на врвот“, рече најпродаваниот македонски автор, во контекст на насловот на неговата хит-книга.

Откако тричлената комисија ги прогласи Царовска и Петров за победници, готвењето продолжи со понеформална дружба, но со посериозна цел. Сѐ што вечерва ќе зготват „натпреварувачите“ и нивните соработници, ќе биде донирано за децата кои живеат во социјален ризик, од здружението „Проект среќа“.

М.Џаровска

Фото: В. Тануровски