Фан сум на скапа козметика: Пред огледало со Драгана Клопчевска-Гелева

Ексмис на Македонија, сега бизнисменка, Драгана Клопчевска-Гелева, специјално за „Женски магазин“ ги открива своите ритуали за убавина. Вели, сеуште ја користи тинејџерската колекција на Clinique, надополнета со серуми за повозрасна кожа, а сака парфем во сет со крема за тело и гел за туширање .

Кој е нејзиниот омилен парфем и што носи во несесерот, откријте во продолжение.

*Каков е Вашиот дневен козметички ритуал?

-Наутро мијам лице, па ставам хијалуронски серум и дневна крема. Потоа нанесувам ББ крема со заштитен фактор, руж и римел и одам на работа. Навечер прво ја чистам шминката, користам сапун на Clinique, мицерална вода и ставам хијалуронски серум, па ноќен серум и ноќна крема. Зимскиот период користам помрсна ноќна крема, летниот креми за хидратација. Од време на време навечер ставам и серум со витамин Ц.

*Со какви препарати го негувате лицето?

-Бидејќи имам мрсна кожа и на прагот на 40-тата година, јас сеуште ја користам тинејџерската колекција на Clinique, надополнета со серуми за повозрасна кожа. Антирид крема сеуште ретко ставам, но ставам различни серуми под ноќната и под дневната крема. Користам пилинг, маски за хидратација, ампули.

*Посетувате ли козметички салони?

-Редовно посетувам козметички салони за нега на лицето. Минимум еднаш неделно сум на козметичар и третманите ми се комбинирани. Класичен за чистење на кожата, микродермоабразија, ултразвук, окси третман за хидратација.

*Кои производи ги употребувате за нега на коса?

-За нега на коса дома немам ништо. Добро освен 1-2 шампони кои ги користам само летниот период кога сум на одмор. Два пати неделно сум на фризер. Со косата никогаш сум немала проблем па за негата комплетно им верувам на моите девојчиња од ВИП салонот.

*Што сакате да прикриете, а што да истакнете со шминка?

-Со коректор и ББ крема прикривам неколку пигментации добиени во двете бремености. Ги истакнувам очите и трепавиците со маскарата на Estee Lauder кој го користам скоро 5/6 години веќе.

*Кои се Вашите омилени козметички производи?

-Од линија за тело ги сакам кремите на Еlizabeth Arden, посебно колекцијата Green Tea. Не ретко знам да купам парфем во сет со крема за тело и гел за туширање кои ги користам заедно со парфемот.

Clinique веќе напоменав дека користам со години, серумите и ББ кремите на Estee Lauder, од пред некој месец фан на козметиката на MAC чија пудра посебно ми легна на кожава.

*Што носите секогаш во Вашиот несесер?

-Коректор, ББ Крема/крем пудра со заштитен фактор, четка за пудра, четка за руж, руж, маскара, сјај за уста.

*Кој е Вашиот омилен парфем?

-Ако треба да се одлучам за еден најомилен кој сум го користела до сега тоа е L'instant на Guerlain. Во моментов користам неколку во зависност од приликите. Неколку години наназад дневни парфеми ми се Happy на Clinique, Cinema на YSL и Narciso Rodriguez for her. Ноќни Cartier LA Panthere, Versace Crystal Noir, My Burberry Black и Black Opium на YSL.

*Како ја одржувате линијата?

-Со линијата никогаш сум немала проблем па таа среќа ќе си ја препишам на добрите гени од моите родители. После бременостите за кратко се враќав на старата килажа, посебно после втората. Имам фустани стари и по 15/20 години кои сеуште ми се точни.

Л. Сабит