ЕКСКЛУЗИВНО ИНТЕРВЈУ СО ЗДРАВКО ЧОЛИЌ: Жената е столб на куќата

Во Скопје ќе одржи два концерти, на 10 и на на 17 ноември во ВИП Арената „Борис Трајковски“. Здравко Чолиќ во Македонија е секогаш добредојден гостин, од 1972 година, кога на Скопскиот фестивал ја испеа песната „Мој бол“, преку 2009 година, кога околу 100.000 луѓе се собраа на неговиот концерт на Плоштадот Македонија, со кој се славеше укинувањето на визниот режим кон земјите на ЕУ.  Чола малку зборува за моментите кога ќе се спуштат завесите на сцената. Зад неа, дома го чекаат три дами, сопругата Сандра и ќерките Уна Звездана (17) и Лара (12). За Женски магазин, Здравко се сеќава на младоста, зборува за ќерките и за домот , за тоа зошто не станал голман, и за носталгијата во песните од албумот „Ono malo sreće“, кој излезе лани, а во живо ќе се промовира на скопскиот концерт, кој го организира „Прагма“ продукција. 

* Текстовите на песните од новиот албум влечат некоја носталгична приказна. Кога ќе се вратиш назад во мислите по што најмногу чувствуваш носталгија од минатото?

- Тоа се готови песни кои ги добив, стојам зад нив, тоа е таа сараевска емоција. Златан Фазлиќ- Злаја е еден од попознатите саравески кантавтори, текстописци, уште од Кемал Монтено и нашите соработки кои датираат од времето кога почнувавме, сараевската поп-школа на која тој припаѓа. Самите текстови се по игра на случај тажни, и самата таа тага во текстовите особено кога се во прашање тие две-три саравески, некоја тага да провејува од нив. Но, тоа не е мој став , ниту јас сакав така да биде, туку тоа се готови песни кои ги добивме и за кои се определивме. Носталгијата ја чувствувам по тие некои дружења со пријателите кои се преселија по светот, а некои за жал повеќе не се меѓу нас. 

* И во мелодиите, албумот е целиот во тој некој мирис на минатото, враќање на севдалинката во помодерна форма. Дали тоа беше твоја желба како љубител на босанската севдалинка?

- Јас ја сакам севдалинката, но ако некоја мелодија ми се допадне, без оглед на тоа како е аранжирана, таа се става на албум. И тоа е игра на случај, затоа што пред сѐ се врзавме за песните, а во нив можеби провејува тој мирис на стариот босански севдах. Тоа е таа стара сараевска школа: „Бијело Дугме“, Кемал Монтено и целата таа плејада на сараевските музичари, секогаш истото тоа го имале во своите песни. Слични автори имаат иста школа. 

* Постои интересна анегдота за денот кога си ја славел диполмската и за начинот на кој покојниот Даворин Поповиќ ти честитал и за подарокот кој ти го донел..

- Тоа е убава епизода од животот, кога човекот ќе дипломира. Се сеќавам, излегувам од кабинетот на професорот, а во ходникот ме чекаат пријатели и сите помалку или повеќе носат бонбониери, цвеќе, некои виски. Тогаш се појавува Даворин Поповиќ кој ми донесе векна леб со ружа и вели: „Еве, сега си свој човек.“ Во смисол: Можеш да пееш од денес до утре, но сега имаш хартија која ќе ти значи дека секогаш во животот нешто можеш да работиш и самиот. 

* Дали и понатаму контактираш со старото друштво од Сараево, дали уживаш во друштво со „обични“ луѓе, со „обични“ приказни?

-  Да, секако. Многу пријатели се тука, без оглед на тоа дали се гледаме во Сараево или ќе се сретнеме некаде низ светот, или некаде во земјите на поранешна Југославија. Тоа се секогаш драги средби без кои не се може, секогаш тука нешто „ќе се залее“ како во песната на Бајага, хахаха, јас сум во краен случај дел од тој сараевски круг и некои од нашите дружења. Тоа се пријателства кои никогаш не можат да умрат, тоа е нешто што е секогаш во нас.

* Промотивната турнеја на албумот е во полн ек, а сезона е на алергии. Познато е дека ти пречи прашината и поленот, како го одржуваш гласот во есенските денови?

- Алергиите сега се малку поблаги од порано. Применувам малку инхлација, малку изолација, затоа што не морам секогаш да бидам изложен на алергените. Во вакви некои периоди кога цвета амброзијата, малку посилно ме стигнува, но со посилен имунитет, сега е многу подобро од порано.

* Љубител си на „Црвена звезда“ и навивач на „Железничар“, несуден голман. Кој ти е најдрагиот спомен од тоа фудбалско време и знаеш ли и сега да заиграш, онака рекреативно?

- Рекреативно ретко, рекреацијата сега ми е врзана повеќе за некое трчање, пливање, прошетка. Она што ми останало во сеќавање се малите турнири, градската фудбалска лига во мал фудбал во Сараево која беше многу темпераментна, ажурна и страстна. Таму бевме членови на фусбалскиот клуб  “Грбавица 1“, јас бев на голот, а фудбалерите беа многу познати играчи на „Жељо“ од Сараево или познати играчи, за тие натпревари често раскажувам. Кога татко ми ми ја купи гитарата од далечен роднина кој ги изработуваше, кај нас дома, на наговарање на татко ми, три пати во неделата кај анс дома доаѓаше чичко Иван Бариќ, мојот професор по ноти и по гитара. Тој беше Далматинец кој првиот ја забележа мојата енергија. Беше тоа постојана борба помеѓу фудбалот и свирењето гитара, додека, во еден момент, кога требаше да се игра важен натпревар, јас ги оставив ракавиците и заминав кај чичко Иван на час по гитара. Ги сакав тие натпревари и ми останаа најмногу во спомените.

* Се занимаваше и со атлетика, имаш освоено трето место во скокање во далечина на првенство во Загреб. Со какви чувства се враќаш на тие спомени? 

- Атлетиката ја сакам и денес, следам поголеми атлетски натпревар, ги следам  и Олимпијадите, тоа е еден од моите омилени спортови. Штета што не е подобро платена, па сите да можат да се занимаваат со атлетика, хахаха. Јас отсекогаш ја сакам поради таа брзина, спринт, скок, тоа е некако секогаш врзано за мене и за мојот темперамент. 

* Како е да си татко на две тинејџерки, како се Уна и Лара?

- Родителството е сериозна улога, ќерките се добро, сѐ уште на училиште, и во период сме на училишни обврски, со кои сопругата повеќе се занимава отколку јас. Тинејџерки се, но ограничувањата мора да се знаат. Јас сум малку попопустлив, но жената е секогаш столб на куќата, така било некогаш, така ќе биде и сега. Не сум строг родител и тоа ми е единствен проблем. Денеска средината повеќе влијае на децата и младината отколку на домот. Ако сега поставите исправна граница, еден ден децата ќе ви бидат благодарни. 

* Што правиш кога си физички изморен од патувања, гостувања, интервјуа ?

 - Обично се осамувам, одам во природа на прошетка и тоа ми годи, седнувам со луѓе со кои што можам да водам некој невзран и опуштен разговор. Се опуштам со добра книга, сѐ почесто во псоледно време.

* Дали и по толку години на сцената, за себе си сѐ уште можеш да кажеш дека си срамежлив?

- Да сигурно, секогаш постои некој одреден вид на срам кој те следи, во една мала доза која е симпатична во одредени моменти. Тоа го имаш во себе си, тој дел на срамежливост кој е добиен во раното детство. Така си порснат, па тој срам прераснува во еден вид на претерана пристојност. 

Милица Џаровска