ДОЖДОТ НА СВАДБАТА НИ ДОНЕСЕ СРЕЌА: Црнокрак слават 21 година брак

Светлана и Мики Црнокрак денеска слават 21 годинa од нивната венчавка. Двојката која веќе 17 години успешно го води модното студио „Црнокрак“ . 

„Изненадувања секако дека си приредивме, но тоа сепак ќе остане наша тајна“, ни изјави Светлана Црнокрак. Со Мики, се навративме на нивните почетоци, кога тој и Цеце како млади манекени ја започнаа врската. 

„ Се запознавме каде на друго место ако не на модна ревија и тоа во Битола, една ипол година пред нашата свадба, која се случи точно на овој ден, 11 октомври во 1997 година. Тој ден не беше сончев како овој. Свадбата ќе ја паметиме по големото невреме и силниот дожд кој не ни пречеше, а старите ни го протолкуваа како добар знак за среќен и бериќетен брак“, раскажа Црнокрак додавајќи сека постарите биле во право. 

„ Кога се запознавме, се случи љубов на прв поглед, па потоа дојде и и втор и трет“, вели Светлана. „На почетокот на љубовта ништо не ни пречеше еден кај друг, а и сега по 21 годинa брак се навикнавме и се прилагодивме на се, па дури и на тоа што можеби ни пречело“, ни раскажа Цеце, која е еден од најуспешните домашни женски модели. 

За Мики и за Светлана, љубовта и плодовите на љубовта се основните работи за еден успешен брак, надополнети со разбирање, почит, компромис. Круна на нивната љубов се ќерките Моника и Нина. 

„ Моника има речиси 20 години  и е прва година на факултет, а Нина ќе наполни 7 години и е прво одделение. Разликата е 13 години, и навистина е возбудливо и интересно кога го живееш паралелно животот на  бруцош и на едно прваче“, додаде Светлана.

Ќерките се најголемата гордост на Црнокрак, но и нивниот заеднички бизнис, за кој велат дека немаше да е толку успешен ако не го работеа како тим. 

 „Модното студио Црнокрак постои веќе 17 години, и самиот тој факт дека постоиме толку долго и сме најголемата и најдобра агенција во Македонија е веќе успех со кој многу се гордееме. Успехот е надополнет со а многуте титули кои ги постигнуваме надвор од нашата држава како амбасадори на македонската убавина ширум целиот свет“, додаде Мики. 

Милица Џаровска