Доаѓа најубавото време за мене: Алачки наполни 52 години

Адријана Алачки вчера наполни 52 години. Пејачката , водител и претседател на кулинарското друштво „Гастромак“ вели дека иако годинава поради зафатеност одбивала да го прослави роденденот, нејзините деца инсистирале да ја организираат роденденската забава.

Адријана со ќерката Грациела, со синот Благоја и со внуката Јана 

„Вчера бев работно во Охрид. И кога децата ме прашаа што сакам да правиме им реков- ништо, нема шанса, во хаос сум. Син ми Благоја и ќерката Грациела ми се јавија и ми рекоа: „Во 20 часот роденденска забава . Присуство задолжително“. И кога ќе ги доживееш овие работи ќе сфатиш колку си богат човек. Децата и внуката Јана ме враќаат во живот. Тие се мојата највредна инвестиција“, ни изјави Алачки.

Годините гордо ги носам.- Алачки неодамна беше на патување во Баку 

Таа вели дека солзи на очи ѝ дошле кога ја добила честитката и од нејзините соработници од „Гастромак“. 

„И од „Гастромак“ кога ја добив честитката на Фејсбук ми предизвика солзи. Кога ќе дојде овој ден, сите те потсетуваат дека те сакаат толку многу и мислат на тебе. Многу честитики ми пристигнуваат на Фејсбук. Блгодарна сум им на сите што одвоија една минута да ми го посветат своето внимание“, вели Алачки и додава дека е горда на своите години.

„Со гордост ги носам годините, искуството и зрелоста. Можам да кажам дека ова е најубаво време за мене. Сѐ што си посеал, сега собираш“, ни изјави Адријана. Таа вели дека не си посакла ништо друго освен здравје за неа и за најблиските. 

М.Џаровска