Девојката со растенијата, Силвана Стефановски: Одгледува над 1.000, има сопствена градина и споделува совети за нивна правилна нега

Пролетта е годишно време кога природата се будни, и буквално сѐ околу нас почнува да се раззеленува, цвеќињата дополнително со нивниот колорит ја надополнуваат сликата на една пролет, а инсектите само не потсетуваат дека е време за работа.
Одгледувањето на цвеќиња како хоби за многумина е еден вид терапија на мозокот, а задоволството да гледаш како тие растенија напредуваат е непроценливо. Дополнително што истите даваат декор во домот или дворот.
Силвана Стефановски е дипломиран биохемиски инженер и сопственик на првата инстаграм страница која нуди едукација во областа на одгледување растенија.
Нејзината желба да има сопствена градина со многу растенија станала реалност. Од неколку видови на растенија, денес има над 1.000 и на сите тие подеднакво им посветува љубов и внимание. Посветена е на сукулентните растенија кои се нејзина голема љубов.
Во интервју за Женски магазин, Силвана зборува за нејзината професионална пасија, грижата за растенијата и по некој совет, што во овој период може да насадиме во домашната градина.
ЖМ: Градинарските активности, посебно одгледувањата на растенија е еден вид терапија за секој еден човек. Како вие ја доживувате ваквата активност која е и ваша професија?
- Убаво ја опишавте, терапија во секоја смисла.
За мене местото покрај растенија и во природа е единственото место каде се чувствувам свое и слободно.
ЖМ: По професија сте биохемиски инженер, дали токму ова беше еден поттик да почнете да собирате сукулетни растенија кои денес прераснаа во нешто поголемо?
- Од дете ме интересираше биологијата и живиот свет, мислам дека тоа беше и пресудно да се запишам на ПМФ и да завршам на институтот за биологија.
Верувам дека факултетот како висок степен на образование поттикнал продлабочување на таа пасија во нешто поголемо и сум среќна што е тоа така.
ЖМ: Со колку растенија започнавте, а колку имате денес?
- Кога започнав всушност немав претстава дека ќе колекционирам, повеќе сакав да истражувам начини на пропагација, форми, бои, однесување во различни супстрати и средини.
Сега имам премногу, преку 1000 растенија – 80% од колекцијата ја чувам во градба од лексан направена за нив, остатокот е во секое ќоше од мојот дом.
ЖМ: Дали имате своја градина/стакленик каде ги чувате растенијата?
- Да, за среќа успеав да го остварам сонот и да со помош на мојот сопруг и свекор направиме мини градина – мојот мал рај, токму во мојот дом.
ЖМ: Не е само да ги имаме, треба да знаеме и правилно да ги негуваме. Често знаете да давате совети на веб страницата „Ботанико“, кој совет ќе и го дадете на нас, кога е вистинско време да почнеме со садење, пресадување на растенија и на кои работи треба да се обрне посебно внимание?
- Секогаш се препорачува да се сади и пресадува во активните сезони пролет и есен, кога температурите се умерени, а растенијата или се будат (пролет) или се спремаат за фаза на мирување – дорманција.
Се пресадува и по потреба, доколку не може да се чека.
Најважно во секоја ситуација, во делот на пресадување е адаптација пред пресадување и по пресадување, секој стрес кај растенијата како и кај луѓето предизвикува понатамошни проблеми.
Внимателно наводнување, правилен супстрат, големини на саксии, превентивен третман од болести и штеточини – списокот со совети е голема, треба само да се има желба за слушање и примена.
ЖМ: Бидејќи сукулентните растенија имаат карактеристика на бавно растење, освен трпение кое треба да го имаме, какви услови треба да им се овозможат на овие растенија во домашни услови за да имаме резултат на успешно одгледување?
- Сукулентните растенија се навистина многубројни, а кактусите исто така се сукулентни растенија.
Зависно од условите секој може да одбере сукулентно растение кое му одговара. Како главна одлика за сите нив е ретенција-задршка на вода па така ако треба да дадам едно општо правило би било да се става вода помалку отколку на листести растенија кои немаат можност за складирање.
Би сакала да се надмине митот дека се тешки за одгледување бидејќи навистина е важни да се одбере вистинското растение за вистинскиот простор.
Сметам дека сукулентите се озлогласени и обесправени од мнозинството поради лоши инструкции за нега.
ЖМ: Велите дека поради потребите на вашите следбеници сте дошле до идеја за издавање на бележник со илустрирани совети насловен „Приказна за моите 100 растенија“. Каков беше интересот и коментарите за истиот?
- Бележникот за растенија е една убава алатка за следење на растенијата кои ги имате во домот. Со купување на истиот, давам и прирачниче и снимена едукација која верувам дека е од помош.
Со оглед на тоа дека сум самостоен издавач со тираж од 500 парчиња, задоволна сум од досегашниот интерес и желбата да се учи на темава.
Многу информации споделувам и на мојот вебсајт Botaniko.mk па така се трудам да придонесам во стручниот дел на македонски јазик.
ЖМ: Ваша препорака за растенија кои би можеле да ги насадиме токму сега во април?
- Сега е добро време да се садат растенија кои цветаат во текот на летниот период.
Впрочем пролетта е идеален период за садење на поголем број на растенија па така што и да одлучите од достапното сезонско цвеќе или расад, секако согласно условите кои ги имате, ќе резултира со успех доколку правилно се грижите за него.
Габриела Додевска ГлигоровскаПогледнете повеќе фотографии во галеријата:




















