Децата треба да ги слушаме внимателно: Интервју со д-р Зоран Трајковски

Тој е еден од најдобрите дијагностичари кога се во прашање детските болести. Не е лесно, вели, особено затоа што пациентите се мали, беспомошни. Проф д-р Зоран Трајковски, специјалист по радиодијагностика од Клиничката болница Аџибадем Систина, во разговор за „Женски Mагазин“ вели дека низ целата своја кариера сиот капацитет го вложил да помогне и да научи повеќе за здравјето на неговите пациенти. Деновиве од печат излезе неговата нова книга „Практична педијатриска радиологија - од симптом до дијагноза“. Концептот по кој е пишувана тргнува од водечкиот симптом и начинот како најбрзо, најлесно и ефикасно да се стигне до дијагнозата избегнувајќи ја максимално радијацијата, имајќи го предвид фактот дека пациентите се деца.

* Пред неколку дена ја промовиравте Вашата нова книга „Практична педијатриска радиологија - од симптом до дијагноза“. Живееме во време кога домашните автори, доктори специјалисти и професори сè помалку пишуваат, па ова Ваше четиво дополнително добива тежина. Кому е наменето?

- Факт е дека малку се пишува и објавува медицинска литература на македонски јазик и секој напор за пишување треба да се респектира. Јас многу ги почитувам сите досегашни мои колеги кои напишале нешто во областа на медицината. Книгата „Практична педијатриска радиологија - од симптом до дијагноза“ е плод на долгогодишна работа и искуство, кое е преточено во концизен текст богато илустриран со преку 700 ртг слики, УЗ, КТ и МР слики, изотопски скенови, микроскопски и ендоскопски слик, цртежи и слично.

Книгата е наменета пред се на специјалнизантите по радиологија, педијатрија и детска хирургија, како и на матичните и фамилијарни доктори, студентите на медицина, и на сите кои ќе најдат интерес да ја прочитаат. Концептот по кој е пишувана тргнува од водечкиот симптом и начинот како најбрзо, најлесно и ефикасно да се стигне до дијагнозата избегнувајќи ја максимално радијацијата, имајќи го фактит дека пациент ни е дете.

* Книгата е практична затоа што, како што беше кажано и на промоцијата, можете да ја отворите и веднаш да видите тоа што ве интересира, да го видите главниот симптом и како најбрзо да стигнете до дијагноза. Што конкретно содржи ова дело?

- Книгата содржи 17 поглавја од кои 15 се униформни (водечки симптом, и како до дијагноза) и две кои условно кажано излегуваат од контекст, но се поврзани со материјата, а тоа се поглавјата за интервентните процедури и психолошкиот пристап кон детето како пациент. Текстот е концизен прецизен, јасен и кажани се најважните работи, од терминологија, клиничка слика, imaging-наод, диференцијална дијагноза, еволуција, прогноза и третман, препорачани дијагностички методи. Во рамка се издвоени клучни факти за брза и суштинска проценка. Сликите се сместени под насловот на ентитетот, во диференцијална дијагноза и галерија. После секој опишан ентитет следат референците од литература. Идејата беше да не правиме енциклопедиски учебник, туку кратка и јасна монографија за најчестите болести во детската возраст.

* Како еден од врвните радиолози и радиодијагностичари во земјава, особен предизвик Ви е педијатријата. Како најпрецизно се утврдуваат симптомите кога се во прашање детските болести?  Брзата дијагноза е клучна, особено кај овие пациенти.

- Што се однесува за симтомите и дијагнозата, се почнува од водечкиот симптом, кој не’ тера да бараме што го генерира и кај не’ води. Некогаш не е лесно, има мешана симптоматологија, но тоа треба да се разбистри со дополнителни и повторливи (повторувачки) процедури. Секеко, треба да употребиме нејонизирачки техники на преглед (УЗ-ултразвук, МР - магнетска резонанца).

* Како психолошки најдобро да им се пристапи на децата за да се избегнат поголеми трауми? Кој е вистинскиот начин за постапување со нив?

- Како дијагностичар можам да кажам дека не е лесно да прегледувате деца, бидејќи тие се разликуваат од возрасните по многу работи, а ќе наведам неколку. Кога имате новородено пред себе како пациент, гледате едно безпомошно суштество кое не зборува, има мал волумен и многу често не сте во состојба да спроведувате екстензивни дијагносточки процедури (како на пр. МР, КТ и сл.) туку морате врз основа на една единствена рендген графија да поставите дијагноза. Од друга страна, кога имата 13 годишно дете, може да бидете покомотни и да го прашата на што се жали, ќе соработува за време на прегледот и работата ви е олеснета. Скоро секој пациент (дете) е различно и нема одредена шема по која може да се водите при прегледот, туку пристапот е индивидуален. Често е пожелно присутво на родителите, а најважно е да имате искрен однос, со други зборови ако нешто го боли за време на прегледот, тоа да го кажете. Не треба ништо да криете. Треба да бидете искрени. Јас голем дел од мојата професионална работа и стекнато искуство го посветив на малите пациенти. Дијагностиката е некогаш тешка, но тоа треба да ве мотивира бидејќи многу често пред себе имата плашлив, кршлив, тажен, радосен, возбуден, некооперативен или понекогаш агресивен пациент. Тоа дополнително ја отежнува, но истовремено и ве мотивира да му помогнете. На многу деца не сум им оставил добар спомен, но со текот на времето сите трауми исчезнувале.

* Кои се најчестите интервентни радиолошки процедури во детската возраст?

- Интервентната радиологија е во подем и се збогатува со нови и нови интервенции и процедури. Долго време беше скоро комплетно резервирана за возрасните, но во во последните децении се’ повеќе се применува кај децата. Ние започнавме со интервенциите пред повеќе од дваесет години и на тоа не’ натера маката. Се случува хирурзите да не решат одреден проблем комплетно или да има компликација од оперативниот зафат, тогаш обично помош се бара од интервентниот радиолог. Почнавме со балон дилатации на хранопроводот, па ствавме стентови, потоа поставуваме дренажни ктетри во бурег, панкреас, хепар, абдоминалната празнина и сл.Го подигнавме нивото со воведувањето на биоптичните процедури. Многу често при изведување на интервенциите, користиме помош од нашите драги соработници, анестезиолозите.

* „Аџибадем Систина“ од самото отворање наметнува високи критериуми за работа и е лидер во воведувањето нови интервенции. На кои Ваши досегашни интервенции сте особено горд?

- Во болницата во која работам се обидуваме да ги следиме светските трендови. Воведовме нова биоптична техника, спиротом биопсија. Оваа техника овозможува да се земе повеќе материјал кој ќе биде доволен за сите дополнителни испитувања кои се прават (имунохистохемија, молекуларна биологија и сл.) Третмантот на болка е дел од новите интервенции, како на пример: перкутана невролиза на целијачниот плексус (кај иноперабилни малигноми на панкреас или метастази), третман From : Gjorgji Tomikj Subject : Прашања за интервју To : Zoran Trajkovski на спинална болка (хронични радикулаопатии, дискус хернии и сл), третман со PRP, кортикостероиди и сл. Во план е да воведеме и третман со радиофреквентна и микробранова аблација на примарни секундарни тумори, како дел од интервентната онкологија.

* Што правите кога не сте фокусирани на работата? Како се релаксирате? Што Ве опушта?

- Кога не работам се обидувам да се одморам со шетање во природа, да прочитам добра книга или да слушам музика.

Ѓорге Стојанов