Дали живееме во општество за сите?

Денес е Меѓународниот ден на лицата со попреченост. Во нашата земја секоја година се одбележува со низа активности иницирани од граѓанските здруженија, но и од институциите чија примарна цел е грижата за овие лица.

Постојано зборуваме за зајакнување на лицата со попреченост и обезбедување инклузивност и еднаквост. Редовно се организираат и хуманитарни работилници, но дали е тоа доволно? 

Дали живееме во општесто за сите? Дали лицата со попреченост имаат еднакви услови за остварување на правата во сите сфери? Дали наместо попреченост, гледаме способност?  

Министерката за труд и социјална политика, Мила Царовска, уште вчера се пофали дека оваа влада ги унапредува правата и ги развива услугите за лицата со попреченост. „Ја зголемивме финансиската помош за лицата со попреченост. Воведовме право за надоместок за лица со интелектуална попреченост. 56 општини веќе аплицираа за развој на услуги во домот за лица со попреченост“, напиша, меѓу другото, таа на „Фејсбук“.

Да, вие барем нешто направивте, за разлика од вашите претходни колеги, ама работата е далеку од фалење. Да се грижите за сите подеднакво и онака е ваша обврска, на оваа, но и на секоја друга власт.  

И не е доволно само еден ден да им посветуваме внимание на овие лица и на нивните права за еднаквост со другите. Тоа треба да го правиме секој ден. Затоа што овие лица не се со „посебни потреби“, туку се посебни! 

 Ѓ.С.