Да бев маж, ќе ме прашавте ли за грижата за децата: Искрено интервју со Тамара Тодевска

Таа е секогаш во фокусот на јавноста поради песните за кои се врзуваат сите генерации, поради моќниот глас и интерпретација, поради тоа што на социјалните мрежи секогаш гласно кажува што има да каже и објавува многу, за неа драги моменти од приватниот живот. Тамара Тодевска направи бум откако го објави евровизискиот спот за „Proud“, песна со која ќе не претставува на „Евросонг“ во Тел Авив, на второто полуфинале на 16 мај. Во интервјуто за Женски магазин, таа е искрена како и секогаш и зборува за пораката на песната, спотот во кој главната улога ја имаат многу интересни жени, и за тоа како таа се сменила откако стана мајка на Хана и на Дарен. 

* Раскажи ни за идејата за песната „Proud“, чија беше, кој го осмисли спотот, приказната на песната и која е главната порака која ја носи?

- Proud за првпат ја слушнав кај Роберт Билбилов  во студио и уште од првата секунда знаев дека тоа ќе биде песната со која ќе ја преставувам нашата земја за Изборот за песна за Евровизија во Израел.

Тоа е песна за сите оние што веруваат во себе, што се борат за своите соништа и што го живеат животот според свои правила. Песната е посветена на мојата ќерка Хана, но пораката е универзална – биди горд/а на себе и верувај во својата големина, без разлика што ти велат другите. Спотот одлично се надоврзува со приказната и она во што силно верувам – жената може да биде сѐ што таа сака да биде.

* Како ти интимно ја доживуваш ?

- Proud е песна што ме опишува баш таква каква што сум сега – помудра, поискусна и посамоуверена – жена што знае што сака и не се плаши тоа да го каже.

* По промоцината имаше различни реакции, повеќето беа позитивни. Те допираат ли негативните, која е најлошата која ја слушна и која најмногу те навреди?

- Искрено, помина времето кога се фокусирав на тоа што ќе го кажат луѓето за мене или за мојата работа. Научив да не се врзвувам ниту за позитивните ниту за негативните коментари. Јас сум стопроцентно сигурна во мојата песна и мојот тим и знам дека ќе го дадеме максимумот и ќе ја преставиме нашата земја во најдобро можно светло.

* На која силна жена ѝ се восхитуваш а не е дел од евровизискиот спот?

- Дефинитивно мојата мајка. Бескрајно сум ѝ благодарна за поддршката и за тоа што верува во мене тогаш кога и јас самата не верувам во себе. Без нејзината помош и љубов ниеден мој сон немаше да биде моја реалност.

* Како ќе изгледа сценскиот настап во Тел Авив, кој ќе биде со тебе на сцената?

- На сцената ќе ме придружуваат Антониа Гиговска, Александра Јанева и Васил Гаврланиев. Што се однесува на самиот сценски настап, на него работиме заедно со креативен тим од Шведска и искрено едвај чекам да дојде 16 мај и да ви го прикажеме она на што макотрпно работиме секој ден. Навистина сум горда на тимот со кој работам. а сигурна сум дека ќе бидете и вие.

* Солото на виолончело како да е напишано токму за Тијана, ќе биде ли и таа дел од екипата ?

- Тијана е една од најважните личности во мојот живот и без нејзината љубов и поддршка јас не би била тоа што сум сега. Таа ќе биде со мене во Израел но како моја сестра и како моја најголема поддршка.

* Според обложувалниците високо котираш, веруваш ли во тие прогнози, што очекуваш и на што се надеваш?

- Верувам во мојата песна и во мојот тим и знам дека ќе до дадеме максимумот да ја преставиме Македонија во најдобро можно светло.

* На Инстаграм објавуваш фотографии од здравиот начин на живот, на каков режим на исхрана си, имаш ли време и за физичка активност?

- Со добра организација сѐ е можно. Имам прекрасно семејство и две прекрасни деца и тие се мој главен приоритет но наоѓам време и за себе, и за мојата работа и се разбира и за моето здравје.

Децата на Тамара, Хана и Дарен

* Ќе оди ли и Хана со тебе во Тел Авив, како ќе се организираш со чувањето на децата во периодот кога нема да бидеш дома?

- Би сакала да можам да ги земам моите деца со мене во Израел но за жал тоа не е можно поради големиот број на обврски и проби за време на мојот престој таму. Бескрајно сум им благодарна на мојот сопруг и моето семејство што се секогаш покрај мене и несебично ми помагаат. Верувам дека човек ништо во животот не може да се постигне сам.

Исто така, би сакала да ве прашам, дали ако бев маж ќе ми го поставевте ова прашање, хахаха. 

* Кој е највредната лекција на која сакаш ги научиш Хана и Дарен кога ќе пораснат?

- Како родител секогаш ќе бидам тука да ги поддржам и да верувам во нив и нивните соништа. Сакам да веруваат во себе, сакам да го живеат животот така како што тие сакаат и да бидат горди на себе. 

Милица Џаровска