Човек за поздрав: проф. Арбер Амбари од Дебар со онлајн часови ги ангажира учениците

Општина Дебар и Центар Жупа неколку дена се во кризна состојба. Нема влез и излез за лица во овие општини, бидејќи состојбата со заразени лица со коронавирус од овој дел од земјава е највисок. Професор Арбер Амбари од Дебар, се обидува да биде оптимист и позитивен за побрзо надминување на оваа страшна ситуација. А, лично реализира онлајн часови по англиски јазик и работилници на кои учениците се фокусирани и длабоко ангажирани.

Професор Амбари за Женски магазин, вели дека деновиве нема раздвиженост низ Дебар и дека граѓаните ги почитуваат сите правила посочени од надлежните.

„Имајќи го во предвид фактот со кој се соочуваме деновиве, во Дебар ситуацијата е алармантна. Од вкупно 48 заразени лица во цела држава, од Дебар се 30 лица од кои што дел од нив се лекуваат во Скопје а другите лица во болницата во Дебар. Стотици лица се во самоизолација и бројот на заразените се очекува да се зголеми. Градот е под контрола и сите компетентни институции се вклучени во овој процес и максимално ги извршуваат нивните релевантни обврски. Нема раздвиженост по градот и се почитуваат сите правила дадени од владата на РСМ“, вели за професорот Арбер.

Амбари се обидува да биде позитивен и оптимист. „Од друга гледна точка се обидуваме да бидеме позитивни и оптимисти за што побрзо да ја надминуваме ова страшна ситуација. Јас лично, секој ден реализирам онлајн часови и работилници каде што сите ученици се фокусирани, длабоко ангажирани и максимално посветени на темите, задачите и квизовите што ги реализираме. Исто така, со моите деца дома, повеќе време поминуваме играјќи “brain teasers” и им помагам со нивните домашни задачи“, посочува Арбер.

Професорот повикува на смиреност и храброст во овој период, да бидеме силни и стрпливи и да го молиме Господ да не чува сите и оваа ситуација што побрзо да заврши.


Н. Миланова