Чист, едноставен и модерен дизајн: Мите Занов раскажува за новата колекција

Македонскиот дизајнер Мите Занов кој беше задолжен за креацијата на нашата Мила Москов која вчера настапи на „Детска Евровизија“, ја претстави новата колекција насловена „BLEUE”, наменета за сезоната есен-зима 19/20. Вели дека инспирација овојпат пронашол во специфична нијанса на сината боја, препознатлива за делата на францускиот уметник Ив Клајн.

„Бојата на небото и морето ме асоцира на длабочина, стабилност и самодоверба. За кроевите во колекцијата, како и за нијансата на сино, наоѓав инспирирција од дела на францускиот уметник. Секако делата се доживеани на свој начин, затоа и дизајните се во препознатливата естетика за Zanov. 

Дел од облеката ги истакнува облините, и ја следи линијата на телото. Колекцијата е многу чиста, едноставна и модерна. Има некои мали акценти кои потсеќаат на 60-те години од минатиот век“, ни раскажа талентираниот валандовчанец.


Занов вели дека палетата на бои е внимателно одбрана. Покрај нијанси инспирирани од препознатливата „интернационална Клајн сина“ боја, застапени се и бела, црна, сребрена и црвена боја. Колекцијата „BLEUE” вклучува фустани, палта, панталони, комбинезони, ролки и повеќе видови здолништа. 

Дизајните лесно можат да се комбинираат меѓусебно. Колекцијата е наменета за различни прилики. Облеката ја дополнуваат и модни додатоци како хулахопки, мини ташни и појаси за нагласување на половината.

Најуникатните дизајни од колекцијата се целосно рачно изработени, без употреба на машина за шиење. А и во остатокот од колекцијата има рачни детали. Од сезона во сезона се повеќебројни се ваквите дизајни за чијашто изработка е посветено многу внимание, трпение и љубов. 

- Овие уникатни креации се веднаш препознатливи и секогаш ги одбираат клиенти со изграден стил кои сакаат да носат несекојдневна облека. Всушност и клиентите се голема мотивација за креирање на смели дизајнерски решенија. Нивната храброст да се експресираат низ модата дозволува експеримент - нагласува Занов.