Стравот од блискост

Немам многу машки пријатели. Еден-двајца другари со кои се гледам поретко, отколку што се слушам. Не, затоа што не верувам во машко-женско пријателство и другарство. Не поради тоа. Ниту пак поради тоа што низ годиниве не биле повеќе на број. Не само другари. Имав порано и мноу повеќе другарки. Со кои и почесто се слушав и многу повеќе се гледав. Излегувавме, се дружевме. Си разговаравме.
Некако со тек на годините и протокот на времето, листата на многу нешта со кои сме располагале и сме ги правеле во животот се стеснува, се смалува. Се сведува на неколку активости, кои полека, полека ни стануваат доволни.
Не сум баш многу, многу среќна што ова е вака, но мислам дека се тоа природи состојби и дека „се во свое време“ подразбира и токму ваков природен процес, на некоја селекција на нештата. Сами се местат овие работи.
Да!, мислам дека овие нешта не зависат толку многу од нас, колку што сами се редат и подредуваат.
Секоја една турбуленција во животот, од типот на разводи, откази, селедби, губитоци, бракови, деца, родители, болести, раѓачки-умирачки, го креира овој наш животен костур и го мести, сходно нашите можности и потенцијали, како и капацитет да одговориме на секој следен предизвик.
Едно нешто излегува од оваа листа, за на негово место, да дојде нешто друго.
Обидот да се напикаат на истата листа повеќе работи, отколку што таа може да собере, не е добар.
Убаво ми е што не запнувам, туку прифаќам дека некои нешта, просто, ете така сами се избришале од оваа листа.
Како телефонскиот именик. Знаете. Кога некои стари броеви не ги користиме често, а се запишани многу одамна во нашиот именик, едно што ги забораваме, друго, што тие и сами се истиснуваат од оваа листа, бидејки на нивно место дошле нови.
И после некое време забележуваме дека веќе ги немаме на списокот.
Одамна не сум имала длабоко-директен разговор, со пријател, кој би седнал и би си ја отворил душата како на час по секцирање.
Не само што немаме веќе време за ова, иако искрено не мислам дека во времето е причината за одбегнувањето на оваа активност, туку многу повеќе во степенот на блискот, во трпението, во капацитетот да примиме и да слушаме брига на пријател, кој во моментов не може да се носи со неа и бара совет од нас.
Тоа е едната страна на медалот.
На другата страна пак е чувството, кое како полека да почнува да ни се провлекува – „зошто би му се отварал некому!?, зошто некому би му ги давал на тацна моите слабости!?“.
Стравот од тоа утре-задутре да не ми биде злоупотребена мојата слабост, во каков било контекст, ја донесе полека полека оваа отуѓеност.
Таа пак нужно донесе едно потиснување и пикање под тепих на нештата кои не тиштат.
Искрено жалам поради ова. Ми недостига таа блискост од порано.
Се сеќавате сигурно дека порано речиси сите знаевме безмалку се за животите и на комшиите и на роднините и на пријателите и другарите.
Не се криева овие нешта.
Дури и кога, ќе ни речеа од дома „тоа што се случува дома, не е за надвор“, многу повеќе беше тоа еден друг степен на култура, отколку што беше страв.
Сега е страв. Страв од блискост.
Стравот од блискост е вирусот кој што не напаѓа во последно време.
Поради тоа ми е жал и поради тоа ми е и страв.
Многу страв.
Не може човек сам да го носи товарот и бремето на својот живот.
Секоја тегоба, исто како што и секоја радост е многу полесна, или многу поубава кога ќе ја поделиш со некого.
Јас знам дека во моментов звучам можеби патетично, можеби нереално, можеби дури и пре-наивно, но ете, понекогаш сакам да напишам и нешто вакво.
Нешто што ќе ти каже, дека не мислиш само ти така, дека не ти е само тебе тешко, дека не си само ти осамен и отуѓен и дека не е проблемот во тебе.
Како и со сите други нешта во животот, исто така и со овој страв од блискот, човек мора да научи да живее и секако да научи да ја негува блискоста со себе.
Се додека не помине овој вирус, кој ни ја нападна отвореноста, блискоста, искреноста.
Бидејки сакам да верувам дека токму тоа е причината поради која се појави овој „вирус“. Да ја научиме блискоста со себе си.
За Женски Магазин, Тања Трајковска
*Ставовите изразени во колумната се исклучиво лични ставови на авторот и тие не мора нужно да ја одразуваат уредувачката политика на Женски магазин
Колумната можете да ја слушнете во аудио верзијата подолу: