Да се правам будала, или не!
… Малку е да кажам дека бев тотално збунета.
Всушност бев распната. На својот внатрешен крст.
Честа и моралот, за коишто толку многу навивам и мавтам со сите знамиња дека треба да се вратат и на голема врата да влезат повторно во секој еден дом, мене сега како да ми беа ставени под лупа.
Како да ме намести животот, сосе сите негови замки, за да види како сега јас, ќе се извлечам од оваа ситуација.
Имаш тука главно две опции.
Да замижиш, да се напраиш будала и сосем професионално да си ја завршиш работата. На крајот на краиштата ти си само виртуелна личност-веб-страница, која технички и механички создава букети за разно-разни прилики и истите тие букети ги разнесува на адреси, кои нарачателот ги бара. Толку! Нема емоција, нема заплеткувања, нема зошто-како …
Ја тебе-ти мене. Завршена приказна.
И втората опција, ако цениш дека не можеш да ја реализираш нарачката, од кои било причини, сосем легитимно можеш да ја „кенселираш“-откажеш. Конечно, на страницата и пишува дека, ако во моментот нема толку ружи, дека ако го нема тој тип на цвеќе, итн., итн., „сајтот“ може да ја откаже нарачката.
И исто така да замижиш и да се направиш будала, како ништо да не било. Нема ружи-нема достава! Толку!
И во двата случаи, замижуваш и се правиш будала и тераш натаму, како ништо да не било.
Е!, арно ама не можеш така. Ниту си машина, ниту робот, ниту пак вештачка интелигенција. Човек си. Човек кој чувствува, кој се радува, тагува, плаче, се смее … Сè уште. И тоа мора така да остане. Мора!, оти тоа се најдрагоцените дарби кои ти се дадени на подарок заедно со животот. Го загубиш ли тоа, губиш се.
Седни, сконцентрирај се, отиди до работ на умот и до најдлабокото во своето срце и најди ги одговорите за ваквите состојби.
Независно, што тоа одење дотаму го чуваш само за своите најблиски и за себе. Независно.
Овој пат животот, го бара тоа од тебе. Поклони се и дај му го.
Независно што не ги познаваш ниту Кириленко, ниту Никита.
Утре твој Тео може да биде Кириленко или Никита.
И твој Тео, може да посака, на негова Марија да испрати букет ружи, за да и каже дека мисли на неа, дека ја сака и дека ќе се врати. Да го чека.
Ах … Ете го. Да!, тоа е одговорот. Мајка, дете, утроба …
Човек само преку себе и преку својата утроба, може да знае како му е на другиот. Само така и никако поинаку.
Таму длабоко во утробата ни се сите одговори.
Морам да го однесам букетот. Веќе знаев дека тоа морам да го сторам. Одлуката беше веќе донесена. Истиот момент, крвта повторно почна да ми струи во жилите. Ми се врати силата. Си дојдов на себе.
Какви ли ти беа оние стравови во кои се заплетка!? Зарем толку животот не смалил, не уплашил, ни ја одземал здравата и разумна мисла, срцето, со неговиот непогрешлив клокот, зарем толку животот ни ја одземал храброста, со која цврсто и непоколебливо ќе газиме напред, гледајќи пред себе. Гледајки во една светла, блескава, ведра, полна со живот, со радост, со љубов иднина.
Во моментов ниту Русија, ниту Украина, ниту Израел или Палестина, или кој и да е веќе по светот го нема сево ова. Тие луѓе немаат ниту радост, ниту мир ниту спокој. Имаат војна. Една толку блесава и улава војна.
Но ние од оваа страна, ние кои сме некаде помеѓу и кои сè уште имаме сила да го влечеме јажето на оваа страна, зарем не можеме да ги вложиме сите сили и најсилно што можеме и знаеме да го повлечеме светот во радост. Онаква радост, љубов и убавина по која сите копнееме. Та дури и оние кои ги создаваат војните. Тие најмногу. Отсуството на љубов е причината поради која некој сака и другите да страдаат. За да му биде полесно. Само отсуството на љубов креира војна.
А само љубовта и убавината можат да го спасат светот. И ништо друго. И во Кириленко и во Никита има љубов. Толку многу љубов, та од бојното поле испраќаат ружи за своите сакани.
Која сум јас да не однесам нечиј букет!? Која!?
Зарем можев да помислам такво нешто. Зарем, пак ќе речам, толку многу животот ни ја одземал храброста и одважноста, да се ставиме на страната на љубовта.
Ги зедов 11-те ружи една по една. Во секоја од нив в’ткав молитва за мир, спокој и љубов … Љубов за цел свет.
Ги спакував и ги однесов. На љубената на војникот Никита. Од Русија.
За некој ден, ќе пристигне повторно нарачка од Кириленко. Војникот од Украина.
Истото ќе го сторам.
Истото ќе го правам со секој еден букет.
За Женски Магазин, Тања Трајковска
*Ставовите изразени во колумната се исклучиво лични ставови на авторот и тие не мора нужно да ја одразуваат уредувачката политика на Женски магазин
Колумната можете да ја слушнете во аудио верзијата подолу: