Ете баш таква боја

Добивај вести на Viber

Ја прашува мажот жената, “ти се допаѓа ли оваа уметничка слика?, сакам да ти ја купам“.

“Па не баш“, му вели таа. “Онака ми е, не знам…

Мммм, нешто како да ѝ недостасува… Не сум сигурна баш што, ама некако не ми е тоа-тоа… Што знам…Можеби малку боја. Да!… би сакала да има малку повеќе боја… вака ми е некако бледа…

Тој веќе не ја ни слуша, иако таа сѐ уште “мумла“, барајќи ја токму нијансата и количината на боја, која недостасува на сликата, за таа да биде совршена.

Кога би била малку посина, или поцрвана, можеби малку пожолта, или позелена, веројатно би била тоа-тоа.

А!? којзнае.

Во меѓувреме не ги ни забележува сивите нијанси на лицето на нејзиниот маж.

Сивило, кое се појави токму во моментот, кога таа рече “па не баш“, почнувајки ја својата толку безначајна и безбојна “тирада“, за сликата, која тој сакаше да ѝ ја купи. Со толку многу љубов. Таа не ни знаеше дека тој, веќе неколку дена ја мерка сликата, која сакаше да ѝ ја подари. За него сликата беше вечна љубов, насликана во само две бои. Црна и бела.

А таа бареше малку боја.

Да речеше “ДА“, да речеше само “ДА“.

Само да речеше “ДА“, неговото лице, ќе ги добиеше сите оние нијанси за кои таа зборуваше, а по кои и тој исто така копнееше.

Двајцата го сакаа истото. Недостигаа боите во нивниот живот.

Боите, кои веројатно сами ги беа загубиле некаде по пат.

Ако го прашаш него, ќе ти рече, “никогаш, не ми рекла ДА“!. Секогаш, да беше барем малку повеќе од ова, или малку повеќе од она.

Да си дојдев малку порано, да не беа ружи, туку да беа гербери, терасата да беше малку поширока на сметка на должината, масата да беше округла, наместо четвртаста, не таа кравата, туку онаа црвената, таа да ја ставеше наместо ова, ќе беше поубаво, не црвените јаболка, туку зелените, тие требаше да ги купиш, зошто оваа паста за заби, а не онаа со вкус на мента, чорапите, гаќите, другарите, кафаните, машината, шпоретот, бојлерот, мајка ти, мајка ми, комшиите…

Сето тоа да беше малку по-онака, или малку по-овака…, ќе беше подобро. Ах…

Ако ја прашаш неа, ќе ти рече “никогаш не ми рекол ДА“! Секогаш да беше барем малку повеќе од ова, или малку повеќе од она.

Фали малку сол на компирите, малку е покисела салатата отколку што треба…, пак компири!?, па некни јадевме, требаше ориз да направиш…

Мора ли овде алиштата да се пружаат, не може ли во другата соба, пак нови завеси!?

Во театар!?, не ми се иде, оди со другарките.

Ауууу, не те приметив. Си се шишала!?

- Поубава ти беше онаа посветла нијанса..

- Која посветла!?

- Па таа пред оваа.

-  Па само се шишав. Бојата не сум ја менувала.

Бојата, бојата, бојата…

Да имаше сликата малку повеќе боја, или таа да имаше друга боја на косата, дали ќе беше подобро и поубаво!?

Ќе беше ли?

Не, немаше да биде.

Ќе беше исто.

Човек доаѓа во пакет со својот колорит. Со своите нијанси и палета на боја.

Со секој обид да додадеш, одземеш, или промениш некоја од боите, ти само симнуваш слој, по слој од неговите бои.

Платното почнува да бледее, бојата ја губи својата свежина, колоритот станува поинаков и веќе не е толку убав.

Наеднаш сликата веќе не е оригинал, туку само бледа копија на она што некогаш беше.

И сето тоа, само поради терасата, шпоретот, чорапите, салатата и компирите.

Чудно, како тоа нештата кои немаат душа, умеат да изроварат по нас самите “душни суштества“.

Ете затоа човек треба постојано да се грижи сам за своите внатрешни бои. Сам да ги реставрира и обновува своите внатрешни слики.

Само сам! Да си биде сам свој сликар, уметник, кустотс и реставратор.

За да остане таков каков што беше кога дојде.

Оти, ниту сликата ќе беше поубава ако имаше уште некоја капка сино на неа, ниту пак таа ќе беше поубава, ако ставеше уште некој посветол, или можби некој прамен потемна нијанса сино на својата коса.

Не! Немаше да биде поубава.

Иста ќе беше.

Таква, каква што креаторот-уметник ја создаде.

Таква, во каква што се вљуби, тогаш, на прва, кога ја виде.

Ете баш таква!


За Женски Магазин, Тања Трајковска

*Ставовите изразени во колумната се исклучиво лични ставови на авторот и тие не мора нужно да ја одразуваат уредувачката политика на Женски магазин

Колумната можете да ја слушнете во аудио верзијата подолу: