Боба дојде од Мајами специјално за Брена: Спектакл на фолк-ѕвездата во Скопје

Во стилот на светските музички ѕвезди, личеше концертот на Лепа Брена во Скопје, сношти во ВИП Арената. 

Пристигна од плафонот на салата, спуштајќи се во импровизирана ѕвезда, и од самиот почеток до крајот, го држеше веселото темпо кај нејзината екипа на сцената и кај публиката. Брена четири пати се пресоблече, концертот беше поделен на четири блока. Во третиот дел, облечена во светкава диско комбинација, фолк-ѕвездата ги испеа најголемите и најстарите хитови со кои ја започна кариерата.

„Чачак“, “Дуге ноге“, „Миле воли диско“ воопшто не наликуваа на оригиналите со новите аранжмани. Во последниот дел, на баладите, ја следеше скопскиот хор Света Злата Мегленска. Бенот и танчарите,  направија шоуто на Брена да го збогатат околу 50 луѓе на сцената. Дел од танчарите, исто како и таа на почетокот, имаа и летечки точки.

На крајот, Брена го повика својот сопруг, Боба Живојиновиќ да ѝ се придружи на сцената. „Боба долета специјално од Мајами за овој концерт. Овде во Скопје, тој одиграл фантастични тениски мечеви. Ајде Бобо, дојди, ако можам јас, можеш и ти“, го повика пејачката својот сопруг кој ја бакна за крајот на спектаклот. 

М.Џаровска