Ана Бунтеска: Време е за збогум

Ме боли твоето заминување,

начинот на кој ја отселуваш љубовта,

смирен и решителен, непоколеблив и тивок,

секоја надеж ми ја дроби на парчиња.

И знам дека и да прашам, ќе е залудно,

не сум спремна за “не, не е до тебе...до мене е”,

затоа што знам дека е до тебе,

ете, си ме отсакал...а тоа веќе навистина не е до мене.

Се пакуваш прецизно и внимателно,

сосем несвесен за моето присуство,

потпевнуваш нешто што не го препознавам,

а со умот си веќе далеку од нас и којзнае каде.

Смешен ти е куферот, стар, изветвен и жолт,

небаре зелен да беше, ќе беше посериозен!

и наеднаш се’ ми станува смешно (секогаш е така кога ми се плаче),

та за да не изгледам хистерично, се поднакашлувам.

Го празниш плакарот, фиоките, полиците во бањата,

ми го празниш срцето и утробата ми зјае

и чудно е како може нечие присуство

да се собере во еден куфер.

Сакам да ти ги дадам сите сеќавања,

мирисите кои ме врзуваат за тебе,

вкусовите и боите на ноќите во кои бевме еден во друг,

сакам да си ги испразнам умот и душата во куфер и да го земеш и тој.

Време е за збогум,

ми го избегнуваш погледот и молчиш,

а јас пак дрдорам дека ќе е добро и чадор да земеш,

како да е тоа во моментов најважната работа на светот.

Ме запираш кревајќи ја раката,

“знаеш...не е до тебе...”

и не завршуваш, оти вриснувам,

“престани....веднаш престани и заминувај”.

Се покривам со косата и чекам вратата да тресне за да те исплачам,

а ти како за инает ја затвораш полека

па седам така долго време, со косата врз лицето и рацете врз неа,

дури не сум сигурна дека те нема.

Не е до мене...не, не е до мене,

туку е до тоа дека не можеше да ја издржиш мојата љубов,

онаква каква што ја имам и за која единствено знам,

не е до мене...оти таа сум, таква сум.

Не те обвинувам,

нема да те барам, ниту да помислувам на тебе свесно,

нема да плачам на “нашата песна”, оти таква немавме

и нема да пишувам за тебе никогаш повеќе.

Утре е нов ден...утре ќе е се’ поинаку, мора да биде,

само ова денес да мине,

да го измијам поразот од себе,

во темнина и тишина да те убијам во себе.

Се склупчувам во креветот,

под твојата перница наоѓам заборавена маица,

со лицето пикнато неа, вдишувам длабоко...

ми мириса на тага.



За Женски Магазин, Ана Бунтеска