Ана Бунтеска: Утрото ќе мириса на чај од нане

Однеси ме некаде,

на некое убаво место,

со црвено светло

и музика на која можам да играм.

Ќе го облечам мојот најубав фустан,

оној во кој најмногу ме бендисуваш,

знаеш, оној со гол грб,

црн и долг до земја.

Ќе ставам високи потпетици,

косата ќе ја пуштам,

усните ќе ги накарминисам црвено

и убава ќе ти бидам.

Нарачај ми бело вино,

гледај ме како да сум единствена на светов,

не, благодарам...не сум гладна,

само танцувај со мене.

Држи ја раката на мојот грб,

да ти ја почувствувам,

да ме стопли,

љубовта да ми одмрзне.

Ах...однеси ме некаде,

каде што ќе бидам далеку од себе,

каде што ќе можам да сум некоја друга,

која ќе зборува многу и ќе се смее на неважни работи.

Потоа таква, кротка и мирна,

однеси ме дома

и шепоти ми неразбирливо,

додека со прсти ми буричкаш во душата.

Однеси ме...и остани,

дур спијам чувај ме од кошмари,

а утрото...ќе мириса на чај од нане,

лимон и мед...и нов почеток.


За Женски Магазин, Ана Бунтеска