Ана Бунтеска: Тебе на себе те облекувам...вечерва

Вечерва не сакав да пишувам,

добро ми е со тишинава околу мене,

во срцево ми самува слатка тага по твојот мирис,

а телово врие, како  да се спрема за твоите допири.

Сакав вечерва себично да ги чувам сите мисли за тебе,

умов постела да им биде, чиста и мека,

да ме јаде копнежот однатре дур на тебе мислам,

со сета љубов насочена кон се’ што си ми.

Вечерва ми мириса лепливо и солено,

мириса на ноќите кои со тебе ги минувам,

и колку далеку од тебе сум, сепак со сите сетила до тебе,

ми чука срцето во твојата топла дланка.

Сакав вечерва да ти раскажам приказна,

една од оние моите, без почеток и крај,

оние за кои знам дека никогаш не завршуваат,

една од оние во кои има се’ освен тага.

Вечерва сакав да те слушам како дишеш,

да знам дека покрај мене имаш мирен сон,

да ја пробдеам ноќта, утрото со насмев да го пречекам,

гледајќи ја месечината како ми намигнува и вели “добро е”.

Сакав вечерва да водиме љубов, долго и бавно,

со секоја клетка во мене да ти се дадам,

сите мои сокови во тебе како река да ги слеам,

оти со тебе само така знам и умеам.

Вечерва те љубам како да се откривам себе повторно,

со страв и мир, страст и нежност, со сето црно и бело во мене,

од оваа кожа излегувам и во нова влегувам,

тебе на себе те облекувам...љуби ме...вечерва.


За Женски Магазин, Ана Бунтеска