Ана Бунтеска: Совршено самоубиство

Ако еден ден се самоубијам,

сакам да е тоа ремек дело,

сторено со стил и

вредно за почит,

направено по совршено сценарио.

Ама ајде...без натегање молам!

па нормално е да има сценарио,

инаку на што би изгледало,

освен на едно сосем обично самоубиство,

без никаков концепт.

Прво, врата ќе ја оставам отклучена,

за никој да не помисли дека сум отпатувала некаде,

па да ме најдат после долго време,

изгниена, со распаднато месо,

оти за изгледот сум суетна.

Секако, станот ќе биде беспрекорно чист,

светнат со сите средства за чистење,

со особено внимание на паркетот,

за да им се затнат устите на соседите,

дека “ако пишуваш поезија, не си домаќинка”.

Умот ми го мати шминката...

дали да ги истакнам очите или усните,

оти двете не оди, ќе е премногу нападно,

ама, од каде да знам дали очите ќе ми бидат отворени

па еве, се одлучувам за темно црвен кармин и римел.

И доаѓам до она главното....начинот,

оти од тоа и гардеробата ќе ми зависи

и без потценување молам...еве колку за пример,

ако одберам скокање од зграда,

никако нема да носам здолниште!

Сепак, не сум за скокање,

имам страв од висина,

башка за време на падот можам да се премислам,

а кога веќе сум тргнала,

некако не ми се верува дека ќе има “пу-пу, не важи”.

Не сум ниту за таблети

и тоа од неколку едноставни причини...

прво, имам уплав од нив,

второ, ќе ми треба многу вода,

а не мислам дека ќе стасам до тоалетот, откако ќе заспијам.

Да...решив,

када полна со жешка вода и жилет во рацете...

ах, потполна драма и тоа во мој стил,

театрално и филмски,

со доза на потребна морбидност.

Да...облечена во црн фустан, со пуштена коса,

високи потпетици,

до мене пепелник со отпушоци

(но не премногу, за да не ми се извади карминот)

и чаша бело вино.

Сега можам полесно да дишам,

го имам сценариото, ставено на хартија,

гардеробата испеглана и тргната настрана

во посебен дел од плакарот,

шминката спремна, нова и неотворена,

светнат паркет...

се’ е под контрола,

зарем треба човек нешто повеќе да посака

за да изврши едно совршено самоубиство?!



За Женски Магазин, Ана Бунтеска