Ана Бунтеска: Само зборовите по тебе ми крварат

Со насмев те пречекувам

и ѕвезди во очиве носам

за по нив патот до мене да го најдеш

и свила темно црвена

наместо кожа облекувам

а оздола само месо и коски

по тебе клукаат

не телото, телото не

зборовите ми крварат

телото како од мермер ми е

бело и силно

со твоите погледи обележано

и во плунката твоја искапено

со здивот твој премачкано

и од семето твое воскреснато

сите зборови по тебе ми врескаат

и од кога те знам

ниту еден веќе мој е

ете тие кон тебе трчаат

а мојот чекор тежок е

и внатре поболена сум

оти знам дека и кога до мене си

не си тука

и одамна нешто во мермеров напукна

како надгробна плоча

што врз душава ја носам

и се шири

во совршена линија

на две ме сече

а мене некако сеедно ми е

кротка сум

во твоите мисли стуткана

покриена со бакнежи и милувања

со љубовта кон тебе нахранета

и не е важно

важно не ми е што однатре ме јаде

јас и онака сум за кратко тука

за да се вратам онаму

од каде што дојдов за да те најдам

и во овој живот

уште еднаш да те гушнам

за да знаеш дека не сум те заборавила

и те помнам од оној

од тој другиот те помнам

и да ти ветам дека и во следниот ќе те барам

со надеж дека навреме ќе те најдам

за повеќе време да имаме

еден на друг да си дадеме

а во овој

тука и сега

само зборовите по тебе ми крварат

За Женски магазин, поетесата Ана Бунтеска 

Фото: Стојан Стојановски