Ана Бунтеска: Посакав спокоен ден

Посакав мирен ден
Посакав спокоен ден
Сосем наивно како дете да сум
Кое носи очила со розови стакла
Еден таков, токму таков
Дури и здодевен ден
Во кој сѐ ќе ставам на пауза
Освен дишењето и ударите на срцево
За да ме потсетат дека сум жива
Дека сѐ уште ме има
Посакав ден без метеж
Без одвишок зборови
Без паметување и удирање в гради
Ден во кој молкот ќе говори
За сѐ што имаме одмолчено
За тоа што имаме проголтано
За сите дела-недела
Од кои душите ни се поткршија
Како сув лист, пожолтен
Посакав ден во кој тишината ќе баботи
Како ќумбе во зима
Чија топлина утеха дава
Дека можеби ќе ни се стопли мислата
Та наместо клетви
Некому благослов ќе дариме
Наместо гнев
Некого со милост ќе гоштеваме
Наместо мудрости без тежина
Себеси со вистина ќе се почестиме
Посакав ден
Еден сосем обичен и мирен ден
Оти сѐ поретки се таквите
И сѐ почесто ми недостасуваат
Оние тивки денови
Во кои сам со себе муабетиш
И некако убаво ти е
Како да се враќаш на тоа што си ТИ
До некој следен миг
Во кој како од сон се будиш
И почнува повторно снагата да те вие
И умот од насобрани таги да те боли
Посакав ден за љубов
Исконска и чиста
На човек кон човек
Ден во кој срцата ќе ни се допираат
И душите иста песна ќе напишат
Во која не ќе има чемер и јад
Или разочарување и умор
Ден во кој нема да постои црна боја
Ден создаден за ѕуница
За надеж
За љубов
За Женски магазин, Ана Бунтеска