Ана Бунтеска: Нашата љубов

Нашата љубов мирисаше поинаку
Како мешавина од зачини во јадење
После кое прстите со сласт ги лижеш
Или како суво овојше со цимет
Во колач од кој вода на уста ти доаѓа
Како вино од дамнешен гроздобер
Во чија боја тонеш како во приказна
Која нема крај ниту точка е ставена
Нашата љубов имаше вкус
Кој никогаш дотогаш не бев го вкусила
И ме потсетуваше на детство
Но и на некој дамнешен живот
Кој некојпат одамна сум го живеела
Во кој знам дека среќна бев
Во кој знам дека имав спокој
Во кој твоја и своја беа едно исто
Нашата љубов беше некако поинаква
Како сончевина во дождлив ден
Прошаран со ѕуница чиј почеток и крај
Беше ти и бев јас
Беа нашите копнежи и желби
А помеѓу нас широчина која нѐ спојуваше
Како нишки среќа од срмен конец
Кој никој не можеше да го скине
Нашата љубов беше од оние
Кои се случуваат еднаш на илјада години
Твои и мои собрани заедно
Со сите проживеани животи претходно
Како да сме се барале со векови
Како да сме се наоѓале при секое раѓање
Како да сме се оставале со секоја умирачка
За повторно да воскресне
Нашата љубов
Ех, каква љубов беше таа
Полна бури во мирно море
Полна спокој во секавици
Полна спомени и смеа
Полна солзи, ем горчливи ем радосници
Полна сила, а сепак кревка
Полна падови и подеми
Знаеш
Јас сѐ уште ја раскажувам нашата љубов
Колку и да не сакам
Колку и да не сакаш
За да остане сеќавање на неа
Да остане барем запис дека постоела
Дека не сум ја измислила
Дека не си ја сонувал
Дека сепак имало некаде
Дека сепак имало некогаш
Една љубов која била поинаква
Која била пекол и рај
Која била нечиј живот
И која била нечија смрт
За Женски магазин, поетесата Ана Бунтеска