Ана Бунтеска: Има денови...

Има денови кога телото ми е како жива рана,

клука однатре, пулсира и копнее,

па си ја ставам кожата, се вовлекувам во неа

и не дека ми е поарно,

ама барем знам дека сум сторила се’ што можам.

Има денови кога ме стега главата,

толку силно што ми набабрува жилата на десната слепоочница,

ме болат мислите,

сеќавањата умот ми го трујат

и тогаш врескам во себе, небаре некој може да ме слушне.

Има денови кога ме дробат прстите на рацете,

од се’ што сум напишала или останало ненапишано,

па ги вовлекувам во ракавици

и во широк лак го избегнувам огледалото,

од пусти страв чиј одраз во него ќе видам.

Има денови кога сакам да викнам “жива сум”,

ја отворам устата и ништо не излегува,

па набрзина засрамено заќутувам

и со недели збор не прозборувам,

додека тишината утробата ми ја погребува.

Има денови...и ноќи...

во нив ти, а во твојата сенка и јас,

денови...љубовта кога ми умира

и ноќи...со восклик кога ја воскреснувам,

денови...ноќи...повеќе не ги разликувам,

ноќи...денови...кога душава во пепел ја запретувам.


За Женски Магазин, Ана Бунтеска