Ана Бунтеска: И тебе ете таква-никаква убава ќе ти бидам

Покрај тебе знам дека не ќе имам страв од стареење

ниту пак смртта ќе ми биде на ум низ денот што оди

и не оти знам дал сме си пишани во ѕвездите онаму горе

или пак тука и сега патиштата ни се во обратна насока

ама знам дека одамна те имам намирисано

и не сум мудра за да ти кажам од каде и како те познавам

можеби те памтам од оној другиот живот

и баш ми е гајле што можеби на старост ќе те сретнам

кога сета ќе бидам избраздена во ликот и побелена

оти фалтите на срцево ќе ми ги испеглаш

и тебе ете таква-никаква убава ќе ти бидам

а душава од стариот ченгел ќе си ја симнам

ќе засвети како нова да е

како руво на кое уште етикета стои

и ќе ја натнам на себе како млада невеста белиот фустан

та ќе пее пилето

ќе пее како никогаш досега што не пеело

и младоста за час ќе ми се врати

и годините наназад ќе почнат да одат само за нас двајца

за на старост, младоста заедно да ја врвиме

ти и јас молкум ќе чекориме...некаде...сеедно

рака в рака силно стиснати како ветрот да може да не’ одвее

ете толку знам со оваа моја луда глава

дека покрај тебе и јас не ќе се плашам своја да сум

и нема ич да се секирам што пишувалото ќе ми секне

оти тогаш ќе те живеам, а не како сега да те пишувам

и нема да сум осамена во молкот на моиве погребани зборови

оти не ќе ми требаат освен да ти кажам дека среќна сум

па нема повеќе фермани среде ноќ да токмам

и  душава на листови хартија да ја ставам

таква гола и боса како трпеза од која може секој да се послужи

покрај тебе некако се’ ќе има смисол

па дури и безначајните нешта ќе бидат како долго очекуван дар

живеачката ќе е посвежа, а смртта бајата ќе стане

оти па и чуму ти е животот ако не го сретнеш оној

кој можеби и не ти е пишан во ѕвездите

и чиј пат е можеби сосем различен од твојот

ама душата ти го знае и срцето ти го препознава

и ете, тие го бараат до тебе да ти биде

тука

блиску

покрај тебе

за и ти покрај себе да останеш.

За Женски магазин, поетесата Ана Бунтеска

Фото: Стојан Стојановски