Ана Бунтеска: И беше ноќ

И беше ноќ

и ти беше таму,

молчелив, како што сум и јас,

далеку од мене, а здивот ти го чувствував во косава,

далеку, а прстите на кожава ти ги сетив,

со сиот мирис на мојата желба кон тебе.

И беше ноќ

и јас бев таму,

навидум спокојна и тивка,

а во главава мислите се прпелкаа една врз друга,

навидум далеку од сиот метеж околу мене,

а со сите сетила како на животно изострени.

И беше ноќ

и бевме таму,

секој со своите пискотници во умот,

а тивки, мирни и без израз на лицата,

небаре сме на погреб на некој кој не го познаваме доволно,

небаре насмевките скапо се плаќаат.

И беше ноќ

а сакав да ти зборувам,

да ти кажам дека не сакам цвеќе, барем не букет,

дека не сакам вечера во скап ресторан,

туку сакам да седам на клупа во парк,

со сладолед од боровинки во корнет.

И беше ноќ

полна бои, небаре ѕуница се истурила на калдрмата,

со мирис на исчекување на нешто што нема да се случи,

нагризана од толпа луѓе и гласна музика,

муабети во кои останав нема,

со погледот вперен кон небото, чекајќи да заврне.

И беше ноќ

а јас ништо не прозборев,

оти тешко ми е да говорам, а ти мисли да читаш не знаеш,

па си заминавме, секој по својот пат,

ти, некаде слеан во ноќта полна мои желби,

а јас, јас на мојата клупа во паркот, со корнет полн неискажани зборови.


За Женски Мaгазин, Ана Бунтеска