Ана Бунтеска: А ти баш и не мора се’ да знаеш, нели?!

А ти баш и не мора се’ да знаеш, нели?!

не мора да ме знаеш, иако не ме познаваш,

да ми ги слушаш вресоците во умов,

да чувствуваш како ме болат прстите дур пишувам,

да знаеш дека од мирисот на дожд утробава ми се превртува,

ете...баш и не мораш се’ да знаеш!

Ниту јас, пак, морав за мојата Ирска се’ да ти кажам,

за мојот сон за летање дур ветрот под фустан ми се пика,

за зеленото кое во вениве место крв ми врие,

за камената куќа во која знам дека сенката ќе си ја најдам,

или пак за желбата сама да бидам дур небото татни надвор,

ете...не морав баш се’ да ти кажам.

И не морав туку-така кожава пред тебе да си ја слечам,

да ја фрлам маската која скаменета на лицево ми стои,

ниту пак морав да се распостелам пред тебе како пред себе,

или да ти кажам “аман, само на дожд немој да мирисаш”,

сакам да мирисаш како сите останати, на “обично”, на “безбедно”,

а ете...баш не морав и ова да ти го кажам.

А ти, ти баш и не мора да ме читаш сега, знаеш?

еве, скокни ја оваа песна, како да не си ја видел,

а јас пак ќе се правам небаре никогаш не сум ја напишала,

ќе ја премолчиме и двајцата, како да не се случила,

ќе зборуваме за есента и зимата што во себе ја носиме,

ете...за сонцето кое и двајцата не го сакаме, за тоа ќе зборуваме.

А јас, вино вечерва нема да пијам, ниту ќе пишувам повеќе,

ќе го отворам ширум прозорецот ноќва,

облечена во ноќница и срамежлива насмевка,

во небото ќе се џарам, небаре Венера знам каде е,

со мислите ќе бидам далеку, на дождот ќе стојам,

а ти ќе ме најдеш...знаеш, онаа без чадор, ете таа ќе бидам.


За Женски Магазин, Ана Бунтеска