А кој ќе ме научи да балансирам?

Десет години не пушам, а уште ми нудат цигара на излегување, осум години бев вегетаријанец, а цело време ме викаа на ќебапчиња. Скоро девет години работам во модна индустрија, и можам да бидам легитимна јавна личност, баш напротив, во изминативе десет години резимирано, бев тивка. Иако брендот ми е Драма, и треба шокови на дневно ниво да ви приредувам, сепак во изминатиов период се што правев беше суптилно ненаметливо. Мислам дека доста молчев, ај да видиме колку и како можам јас со мое влијание да направам добро. За себе пред се, а понатаму за сите што сакаат да бидат верни на своите избори.

Биди подобар за себе. Направи подобро за себе, најдоброто што го можеш во моментот кога треба да донесеш одлука или да повлечеш потег. Не одеднаш, не очекувај дека ќе имаш резулатати после првиот чекор за подобар бизнис, после првата салата за правилна исхрана, после првото одење на психолог за да си ја доведеш главата во ред. Нема, ќе си почекаш. Како беше, патот од илјада милји започнува со еден единствен чекор. Епа направи го. АМА ЗА СЕБЕ ДЕЧКИ.

Не отру општествово со ставови и мислења, кој како треба да се однесува, кој како треба да изгледа, кој како треба да живее. Имаш интернет и инфлуенсери што ти викаат или биди старлета излезена од пластична долина, боцкај сало, пуни се со филери, прчи се за на слика да собираш лајкови, или оди во друга екстрема, прифати се себе си со сто килограми, еден куп холестерол и нездрави масти и живеј во илузија дека така треба.

Еве не сакам ниту ботокси и хијалурони, ниту целулити и сало. Сакам да сум здрава, сакам мозокот да ми биде чист и исправен пред себе, сакам слика во огледало што крие позадина на здравје и нормално тело, сакам да научам да конзумирам се во секој момент кога сакам, ама тоа да биде задоволување на потреба а не алчност. Сакам да научам да дегустирам, сакам вкусови и мириси, единствено нешто за кое сакам да бидам алчна е квалитетен балансиран живот, кој сама ќе го постигнам.

Работам со жени, моја основна обврска е да ги задоволам стандардите на една жена за Убавина. Се повеќе тие стандарди се претопуваат во очигледни и очекувани барања. Се почесто правам еден модел на фустан, комбиниран со еднолична шминка и фризура, во визуелна агонија на едно големо без карактерно ништо. Се поклонувам до земја на оние жени и девојки кои доаѓаат кај мене со цел да бидат визуелно различни, кои не се плашат да бидат поинакви од туѓите очекувања. Кои не сакаат да се претопат. Силни бестрашни жени, кои се носат со животиштево со крената глава.

Нашите стари рекле, ти си она што го јадеш и што го носиш. Тие знаеле што е потреба, што е задоволство и како се постигнува баланс помеѓу едното и другото. Јас се уште учам. Уште се борам со малите пакосни гласчиња во главава кои не знаат да ме сопрат кога треба, туку ме подбуцнуваат. Уште ми е малку се, уште лесно ми здосадува се, уште сакам уште, се повеќе и повеќе сум гладна за живот. Од луѓето го вадам или најдоброто или најлошото, не знам да пливам во просечна вода. И си се лутев најмногу на свет за тоа што сакам премногу, што барам најмногу и одам во екстреми. Се додека не сфатив дека може да имаш се, со баланс на многу и малку. Начинот е тој што ќе ти го издиктира квалитетот на животот. Веќе месец дена сум на поагресивен начин на живот, што од вежбање, што од исхрана, и најмногу работа на психозите во глава, ама се договорив сама со себе, секогаш кога ќе имаш можност да пробаш нешто што го немаш во секојдневниот живот, не ја пропуштај приликата. Во ситуацијава тоа беа највкусни слатки во Истанбул, ама тоа важи за се. Почнува од секојдневни одлуки за оброци, завршува со параглајдерство или банџи. Престанувам да се плашам од себе, престанувам да си се лутам кога ќе го одберам погрешниот оброк, погрешниот дечко или погрешниот потег на работа. Уште сум сама, уште немам семејство, не одговарам пред никој и полесно е да поработам на себе. За да се доведам до стадиум кога ќе треба да сум нечија мајка или сопруга, сите мои бубачки да бидат изгазени, сите психози надминати, за да не ги трујам оние кои ќе решат да бидат покрај мене и да сакам да станам од кревет секое утро, се посреќна и позадоволна од себе.

Јас сум Ивана Кнез, ова е за сите кои се борат против просекот, се учат како да се себе реализираат, не ги плаши времето и се зависни од среќа на исполнет живот.

Се читаме следната недела.