16 ГОДИНИ НЕ СПИЕМЕ НАВЕЧЕР, ПОЧНАВМЕ ОД КИЛО БРАШНО: Феноменот на познатите крофни од Хром

Во сутерен од една ниска зграда близу до градинката во скопската населба Хром, секоја вечер се создава метеж. Автомобилите го преполнуваат локалниот паркинг, а луѓе чекаат на ред , во летните месеци дури и по еден час. Причината се познатите крофни од Хром, бизнисот кој веќе 16 години успешно го води семејството Меновиќ.

„Станавме познати некаде од 2008 година. Без никакви реклами. Луѓето не дознаа спонтано и полека, од уста на уста“ - Александар и Виолета Меновиќ на работа во фурната во Хром 

Освен крофни, во фурната се продаваат и переци, пици, ѓевреци и кифли по порачка. Крофните од Хром имаат специфично работно време, од 5 попладне до 2 наутро. Веќе околу 18 часот, кога низ Хром ќе се рашири мирисот на тазе печени специјалитети од тесто, се создава ред пред вратата на фурната. Улицата на која се наоѓа таа, заличува на некое од старите корзо-собиралишта. Хромските крофни веќе не се само маалско место, туку градско, луѓе од сите населби во Скопје доаѓаат да ги пробаат.

„ Намерно го избравме ова работно време, затоа што младите излегуваат тогаш. Не е лесно, но се одлучивме за овој начин на работа. Еве веќе 16 години, ние не спиеме навечер. Ноќе работиме, а дење спиеме“, ни изјави Александар Меновиќ, сопственикот на фурната. Дел од неговата вредна екипа се сопругата Виолета, ќерката Билјана пекарите Тони и Ружа и синот Лазар, кој помага при набавките. 

Освен крофните, брзо ги снемува и переците.- пекарот Тони  

„Почнавме со едно кило брашно. Да ,баш така. Тогаш работев во една продавница како дистрибутер. Знаев дека таа работа нема да ми трае долго. Паметам многу добро, беше осми март, а мојата сопруга од секогаш ја биваше за месење. Стасав дома од работа, и ѝ донесов кило брашно. Ја замолив да направи кифлички. Утредента, ги однесов во продавницата каде што работев и веднаш се продадоа. Потоа муштериите почнаа да нарачуваат уште, па бизнисот го проширив и на други маркети. Од кило брашно, стасавме до вреќа брашно, Виолета имаше полни раце работа. Тоа не охрабри во 2002 година да ја отвориме оваа фурна“, ни раскажа Александар Меновиќ.

„Рецептот нема да го споделиме, а и да го споделиме, не сме сигурни дали на луѓето баш вака ќе им успее“.- сопствениците на фурната 

Разговорот постојано ни го прекинуваа купувачите. Некои нестрпливо чекаа да се испечат переците, некои резервираа крофни за подоцна, дел бараа кифли за нарачка.

„ Малкумина знаат дека работиме од 2002 година. Станавме познати некаде од 2008. Без никакви реклами по медиуми, тогаш ни фејсбукот не беше толку развиен. Луѓето не дознаа спонтано и полека, од уста на уста“, додава Виолета. На прашањето, кој е нивниот феномен, семејството Меновиќ вели  „квалитетот и секогаш тазе производи“.

Виолета Меновиќ со вредната екипа колеги работат секој ден освен сабота од 5 попладне до 2 наутро 

Без оглед што 16 години не спијат навечер, освен во саботите кога фурната не работи, Меновиќ работат и кетеринг за прослави. „Пржиме мекици на лице место во ресторани каде што слави раѓање на дете“, додава Александар.

Неговата ќерка, Билјана, работи во фурната уште од времето кога била средношколка. Таа е мајка на три деца. Вели дека додека не била мажена ѝ било многу полесно, но и сега со текот на годините се навикнува на биоритамот. „Среќа, децата веќе ми пораснаа, училиштето ми е блиску, па не морам секогаш да станувам рано да ги носам. Но, има денови кога сум легнала доцна, а наутро треба да сум будна. Што да правиме, се мора, ни семејството ни работата не смеат да трпат“, ни изјави младата пекарка.

 Веќе околу 18 часот, кога низ Хром ќе се рашири мирисот на тазе печени специјалитети од тесто, се создава ред пред вратата на фурната

Александар за крај додава дека има понуди да го прошири бизнсот, да отвори уште една , поголема фурна во населбата Аеродром. Но, тој не сака да го запостави и да го менува ниту просторот, ниту начинот на работа.

„ Имаше едно момче, тука од населбата, ни беше еден од првите муштерии. И сѐ уште доаѓа да купува тука, овој пат со неговиот син. Ова место израсна генерации, и сакаме така да остане. Квалитетот, тазе пецивата и прифатлиците цени се нашиот заштитен знак. Рецептот нема да го споделиме, а и да го споделиме, не сме сигурни дали на луѓето баш вака ќе им успее“, завршува Меновиќ низ насмевка .

Една крофна со крем чини 15 денари, а има и побогати, за 20 и за 25 денари 

Една крофна со еурокрем и со шеќер во прав, чини 15 денари, а има и крофни со мармалад. Постои и опција за побогата крофна, со две лажици чоколаден крем која чини 20 денари, а онаа со три лажици крем е 25 денари. Петнаесет денари чинат и переците и ѓевреците кои многу брзо ги снемува, а затворена пица се продава за 35 денари. 

Милица Џаровска