„Женски магазин“ со првата дама во Полска: Видов третман на предвремено родени бебиња

Со врвен стил, како загрижена мајка и хумана како докторка, првата дама Елизабета Ѓоргиевска (47) ја промовираше нашата земја за време на официјалната посета на македонскиот претседател Стево Пендаровски на Полска која е во тек.

Според официјалниот протокол, двојката во Варшава, беше пречекана со највисоки државни и воени почести од полскиот претседател Анджеј Дуда со сопругата , а на црвениот килим медиумите се фокусираа и на елегантниот и впечатлив стил на двете први дами. Бринетата Елизабета во волнени фустан и капут во омилената фуксија боја, дизајн на Лидија Георгиева со црни модни детали, и русокосата Агата Корнхаузер-Дуда со необичен фустан во бебешко розова боја, исто така со црни модни детали и во бел капут. 

Нашата вита и харизматична прва дама, и во оваа прилика го покажа  својот истенчен вкус за мода, со минималистички стил, прочистен од сите модни додавки, и според сите дрес-код норми почитувани во светот. Македонска варијанта на префинетиот француски стил на Карла Бруни-Саркози, според критичарите – најпрва дама со стил во светот.

Додека претседателот Пендаровски имаше густа агенда и средби со претседателот Дуда, средби со маршалот на Сејмот, Елжбијета Витек, со маршалот на Сенатот, Томаж Гроцки, но и со со истакнати слависти и македонисти, кои живеат и работат во Полска, проф.д-р Елизабета Ѓоргиевска, придружувана од првата дама на Полска беше во хумана мисија. Ексклузивно за „Женски магазин“ ги сподели своите впечатоци од посетите на  специјалното училиште Јунис Кенеди Шрајвер и на Клиничката болница Војвотка Ана Мазовјецка во главниот град Варшава.

-Внимателните полски домаќини знаејќи дека сум докторка (на Клиниката за детска и превентивна стоматологија и професорка на Стоматолошкиот факултет при УКИМ во Скопје н.з.), а и на мое задоволство ми подготвија врвна програма. Во специјалното училиште Јунис Кенеди Шрајвер ( американски филантроп, сестра на браќата Кенеди н.з. ) имав можност да видам успешен модел на  обука и развој кој покажува дека без разлика на вештените или попреченоста секој може да има шанса за успех и да биде активен дел од општеството доколку ја има вистинската поддршка.

Во  Клиничката болница Војвотка Ана Мазовјецка, пак видов третман на предвремено  родени бебиња, што ме заинтересира како докторка но и ме трогна како мајка и жена, ни изјави Ѓоргиевска од Полска.

Лејла Сабит